Советот за безбедност на ОН повторно не усвои заедничка изјава за Блискиот Исток

– Советот за безбедност на ОН одржа четврти итен состанок за израелско-палестинскиот конфликт во рок од осум дена од кој не е издадена заедничка изјава, затоа што САД сè уште веруваат дека тоа нема да придонесе за смирување на конфликтот.

– Не веруваме дека јавно соопштение во овој момент би придонело за смирување, рече американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.

Од 10 мај, кога почнаа судирите меѓу палестинските екстремисти во Појасот Газа и израелската армија, САД отфрлија три нацрт соопштенија со кои се повикува на прекин на насилството, подготвени од Кина, Тунис и Норвешка.

– Нашата цел беше и ќе продолжи да биде интензивен дипломатски ангажман за ставање крај на ова насилство, рече американската амбасадорка отфрлајќи ги критиките од другите членови на Советот за безбедност поради блокадата на САД и фактот дека органот надлежен за мирот во светот не презема акција.

По последната средба зад затворени врати, амбасадорката на Ирска, Џералдина Бирн Несон, изјави дека Советот сè уште не може да зборува едногласно, дека конфликтот беснее и дека хуманитарните последици се поразителни, а дека допрва треба да се каже нешто јавно и потсети дека земјите-членки имаат колективна одговорност за меѓународниот мир и безбедност.

Back to top button
Close