Советот за надворешни работи на ЕУ ќе расправа за Западниот Балкан, Украина, Блискиот Исток и односите со Африка

Односите на Европската Унија со земјите од Западниот Балкан, најновите случувања поврзани со Украина, состојбата на Блискиот Исток, пред се во Сирија, како и соработката меѓу ЕУ и Африканската Унија, ќе бидат главни теми на денешниот Совет за надворешни работи на блокот (ФАЦ), што се одржува во Луксембург.

По завршувањето на Советот, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ќе се одржи и првиот Дијалог на високо ниво меѓу Европската Унија и Палестинската управа, а по него и четвртата Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија, со која треба да бидат отворени нови поглавја од преговарачкиот процес на Тирана за членство во блокот.

Западниот Балкан ќе биде тема за дискусија на министрите за време на работниот ручек, при што тие ќе разменат мислења за односите на ЕУ со партнерите од регионот, фокусирајќи се на дополнителното зајакнување на безбедносната и одбранбената соработка и на промовирање на регионалната стабилност и безбедност, во услови на актуелните политичките предизвици.

Според најавата, Калас ќе ги информира министрите за нејзината неодамнешна посета на Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, како и за најновиот развој на настаните поврзани со дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Се очекува дискусијата да се фокусира на различни аспекти на односите меѓу ЕУ и партнерите од Западниот Балкан, особено на регионалната стабилност и безбедност, случувањата во Босна и Херцеговина и во Србија, како и на соработката со клучните актери во регионот.

Инаку, заседанието на ФАЦ ќе започне претпладнево со дискусија на европските шефови на дипломатии со нивниот украински колега Андриј Сибиха за последните политички случувања и ситуацијата на теренот поврзани со руската агресија врз Украина, како и за најитните приоритети на Киев.

По оваа ќе следи расправа на министрите за најновите случувања во врска со мировните напори и предложениот 30-дневен прекин на огнот од страна на САД, во услови на засилени руски напади врз цивилни цели во Украина, како и за зајакнување на воена поддршка на ЕУ за земјата, вклучително и за иницијативата на Калас за достава на муниција и давање безбедносни гаранции на Киев.

Покрај тоа, Советот ќе ја разгледа и состојбата со примената и почитувањето на санкциите што ЕУ ги воведе против Русија, вклучително и за усвојување на понатамошни мерки како одговор на зајакнатата руска кампања на хибридни закани.

Се очекува министрите да го реафирмираат ставот дека не се можни мировни преговори за Украина без учество на Киев, како ни разговор поврзан со европската безбедност без Европа, дека е можно примирје или прекин на огнот само како дел од процесот што води кон сеопфатен мировен договор, кој би бил придружен со цврсти и веродостојни безбедносни гаранции за Украина за одвраќање на идната руска агресија, како и дека мора да се почитуваат украинските независност, суверенитет и територијален интегритет.

Во продолжение на заседанието на ФАЦ ќе стане збор за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и за случувањата во Сирија.

Во рамките на ова распараа се очекува Калас да ги информира министрите за нејзината неодамнешна посета на регионот, и за средбите со претставниците на власта и опозицијата во Израел, како и со раководителите на Палестинската автономна управа. Таа ќе ги запознае министрите и со резултатите од нејзиниот неодамнешен состанок со „Арапскиот исламски министерски комитет за Палестина“, на кој се разговараше за кризата во Газа и другите регионални безбедносни предизвици,

Се очекува министрите да ја повторат загриженоста на ЕУ за ситуацијата во Газа и на Западниот Брег и да ја реафирмираат непоколебливата посветеност за мировно решението според моделот на две држави.

Во однос на Сирија, Калас ќе ги информира шефовите на дипломатиите за заклучоците од деветтата Конференција за поддршка на Сирија, што се одржа на 17 март во Брисел, по што тие ќе разменат мислење за состојбите во земјата од формирањето на новата преодна сириска Влада кон крајот на минатиот месец.

Се очекува министрите да разговараат и за можно постепено олеснување на рестриктивните мерки кон Сирија, во пресрет на објавувањето на годишниот преглед поврзан со нив, што треба да се случи најдоцна до 1 јуни.

ФАЦ би требало да го повтори ставот за важноста од мирна и инклузивна транзиција во Сирија, без штетно странско мешање и со заштита на правата на сите Сиријци, независно од нивното етничко и верско потекло, како и дека треба целосно да се почитуваат независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата во безбедни граници, во согласност со меѓународното право. При тоа, се очекува и да биде поздравен договорот постигнат на 10 март 2025 година меѓу преодните власти на Сирија и коалицијата Сириски демократски сили, во која доминираат Курдите.

На состанокот на Советот за надворешни работи ќе се разговара за односите меѓу ЕУ и Африканската унија (АУ), чие партнерство годинава ја слави 25-та годишнина. При тоа, Калас и други министри ќе го информираат Советот за нивните неодамнешни состаноци со африканските партнери, по што ќе се разговара за соработката со АУ во повеќе сфери од заеднички интерес, пред се во безбедноста и одбраната.

Посебен осврт ќе биде направен на состојбата со хуманитарната криза Судан, на случувањата во источниот дел на Демократска Република Конго, како и на други регионални кризи.

Покрај, ова Калас ќе информира и за најновите случувања во односите меѓу Ерменија и Азербејџан, а министрите би требало да го одобри и прегледот на Заедничката позиција на ЕУ за контрола на извозот на оружје.

Во пресрет на денешниот Совет, Калас синоќа во Луксембург организираше неформална вечера за министрите за надворешни работи од земјите членки на ЕУ и од државите од Западниот Балкан, на која фокусот на дискусиите беше на безбедноста и одбраната, на која учествуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски

Back to top button
Close