Совинц: Со потпишаните меѓународни конвенции државата е обврзана да го штити Охридскиот регион

Илегалните градби на охридското крајбрежје, состојбата со животната средина и најзината заштита со акцент врз Студенчишкото блато, како и урбанистичкиот план за потегот „Горица север“ беа главните теми на разговор на претставниците на Секретаријатот на Бернската конвенција одговорен за заштита на природното наследство, на Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење (Рамсарска конвенција) и на УНЕСКО на денешната средба со претставниците на Општина Охрид, градоначалникот Кирил Пецаков.

Андреј Совинц, консултант за заштита на природните подрачја при Бернската конвенција, по средбата на која присуствуваа и градоначачникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, претставници од Општина Струга, на Министерството за животна средина и просторно планирање и на други надележни институции, потсети на посебноста на Охридското Езеро како природен резерват, на особеноста на регионот како природно и културно богатство од планетарна важност.

Тој пред медиумите нагласи дека оној миг кога државата Северна Македонија ги потпишала трите конвенции ги презела сите обрски дека ќе ги почитува одредбите насочени кон негова заштита. Оттаму грижата за Охридскиот регион него не е само обврска на локалната самоуправа ниту на националните власти, туку на целата меѓународна заедница.

– УНЕСКО значи дека државата отстапува дел од својата автономија во управувањето на меѓународно ниво, на УНЕСКО конвенциите. Тоа значи дека не може некој од локална заедница да влијае врз одредени одлуки што мора да ги почитува државата, што таа мора да ги искоординира со Секретаријатите на меѓународните конвенции…Оној миг кога Македонија ги поитпиша трите конвенции автоматски презеде се што тие значат, рече Совинц.

Експертот од Бернската конвенција и овојпат посочи на неопходноста од усогласеност меѓу прокламираните заложби за заштита на регионот, напишаното на хартија и декларираните обврски за заштита, со она што се случува на терен. Како што рече, најголем проблем со кој се соочува Охридскиот регион е неконтролираната урбанизација.

Тој истакна дека една од препораките што ќе произлезат од посетите на експертите секако ќе биде да се најде некој што ќе управува со регионот – не некаква нова комисија, некој менаџмент тим и тоа не од канцеларија, туку тело што навистина ќе управува со регионот како со светско наследство, притоа почитувајќи ја легислативата, препораките, меѓународните обврски…

– Плановите се убави, но се е тоа на хартија. Она што е неопходно е вистинска врска меѓу просторното планирање и управувањето со подрачјето, рече тој.

За денешната средба со претставниците на Општина Охрид рече дека разговарале за посебноста на езерото, како и за мерките потребни за негова заштита. Посебно биле издовени прашањата за илегалните градби, за управувањето со езерото, како и за заштитата на Студенчишкото блато.

– Она што се случува тука не би смеело да се прави на подрачја со таква вредност. Слушнавме дека оваа локална власт ќе работи на запирање на таквите процеси и за отстранување на нелегално поставените објекти…, рече тој.

Според него, подрачјето на Студенчишкото блато е мошне загрозено, а проблемот нема да се реши со донесување закон за негова заштита ниту со план, туку само преку имплементација на мерките и промени на терен.

– Блатото ќе исчезне за неколку години доколку веднаш не се преземат некакви мерки. Оттаму прво треба да се отранат штетните фактори што го загрозуваат – загадувањето, исушувањето, илегалните градби, а потоа неодложно тоа да се поврзе со езерото за да не се исуши, рече тој. Во контекст на прашањето истакна дека сосема погрешни се предлозите за изградба на марина за пловила во тој дел од езерото, односно дека изградба на марина во тој дел од езерото ќе значи крај за блатото.

Кога станува збор за Струга, Совинц посочи дека ситуација таму е уште посложена, за што ќе се разговара на утрешната средба со претставниците на локална власт. Тој нагласи дека ќе се обидат да појаснат дека за УНЕСКО, за Бернската и за Рамсарската конвенција, Струга е дел од Охридското Езеро.

– Може да има и развој, може да има и туризам. Но, ќе мора сите ние што ни е работа да го заштитиме подрачјето како наследство со извонредна важност, и оние што гледат напредок само во градење и масовен туризам, да најдеме некој компромис. Вака како што е сигурно нема да може понатаму, дециден е Совенц.

Претставниците на меѓународните институции наредните денови покрај посетата на локалните самоуправи на Охрид и на Струга предвидено е да го посетат НП „Галичица“, како и теренска посета на Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и крајбрежејто на Охридското Езеро.

Експертите од УНЕСКО, Бернската и Рамсарската конвенција вчера имаа средба и со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Таа по средбата изрази очекување дека гостите ќе дадат реална оценка за ситуацијата на терен, како и препораки за одржливо управување.

Back to top button
Close