Современата одбрана мора да ги предвидува заканите, а не само да реагира на нив – порача Сиљановска-Давкова на Денот на Армијата

Со централна свеченост во Охрид денеска беше одбележан Денот на Армијата – 18 август, а во пораките кои беа упатени од неа доминираа оние за новите безбедносни предизвици, хибридните и киберзаканите, како и потребата од современо вооружување и опрема, и придонесот на земјава во НАТО.

Момент од обраќањето на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: Фејсбук-профил на Министерството за одбрана

На овие предизвици во своето обраќање се осврна и претседателката на државата и врховна командантка на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, која рече дека современата одбрана не треба да се сведува само на одговор на веќе настанатите закани, туку мора да се заснова на нивно предвидување, подготовка на соодветни капацитети и градење отпорност на државата.

„Границите меѓу конвенционалните и хибридните закани се нејасни. Беспилотните системи, киберпросторот и вештачката интелигенција веќе непосредно влијаат врз начинот на кој се планира, изведува и поддржува современото војување“,

рече претседателката на државата.

Во услови на непредвидлива динамика на современиот безбедносен амбиент, рече таа пред присутните, потребно е да се градат способности што ќе ја зачуваат функционалноста на државата и во најнеизвесни услови.

„Не треба да ја романтизираме војната, туку треба да ја избегнуваме и да ја превенираме оти највисокиот успех на одбраната е да создаде услови за таа да не се случи“, \порача претседателката на државата.

Говорејќи за развојот на Армијата, Сиљановска-Давкова потсети на нејзините почетоци во 1943 година, со формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ како прва регуларна воена единица на Народноослободителната војска на Македонија. Таа посочи дека континуитетот продолжил и по осамостојувањето на државата кога припадниците на тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) од Македонија го напуштиле југословенскиот армиски систем и биле создадени услови за формирање сопствена армија.

Таа кажа оти со сигурност може да тврди дека македонската Армија не е почетничка, туку високоорганизирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност, висока интероперабилност со сојузничките сили, војничка дисциплина и стаменост.

Како особено значаен го истакна придонесот на Армијата во рамките на НАТО и учеството во меѓународни мировни мисии. Во моментов, како што посочи, 183 припадници на Армијата се дел од такви мисии и операции.

„Со членството во НАТО, одговорот на тешките безбедносни и одбранбени прашања не го бараме сами, туку заедно со сојузниците, како наш стратешки избор и темел на колективната безбедност, преземајќи дел од колективната одговорност, но и од одговорноста на секој за секого во Алијансата“,рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Фото: Фејсбук-профил на Министерството за одбрана

Таа, исто така, посочи дека јакнењето на сопствените одбранбени капацитети е клучно за позицијата на државата во Алијансата.

„Колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност“,рече таа.

Претседателката на државата ја истакна и високата доверба што Армијата ја ужива кај граѓаните, особено во кризни ситуации кога нејзините припадници помагаат при пожари, поплави и други непогоди.

Во обраќањето особено внимание посвети и на улогата на жените во Армијата, нагласувајќи дека годинава трите најдобро рангирани питомци на Воената академија се жени. Таа повторно ја актуализира и идејата за формирање регионален центар за извонредност на жените во одбраната и безбедноста.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање, меѓу другото, се осврна на модернизацијата на Армијата, наведувајќи дека таа се реализира во согласност со планираното, со набавка на современо и софистицирано вооружување, опрема и системи, како и со инвестиции во инфраструктурата и подобрување на условите за работа на припадниците на вооружените сили на државата.

Во таа насока, тој посочи дека во тек е набавка на разни видови опрема – артилериски системи, средства за противвоздушна одбрана, беспилотни системи, системи за противоклопна борба, опрема за киберзаштита, опрема за воздухопловна поддршка и комуникациски системи.

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, исто така се осврна на делот на модернизацијата, наведувајќи дека во последните десет години како никогаш досега се вложува во овој сегмент, како и во обуката и опремувањето на припадниците на Армијата.

Од обраќањето на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски / Фото: Фејсбук-профил на Министерството за одбрана

„Армијата денес се наоѓа во најинтензивниот процес на модернизација… Тоа не е само резултат на набавката на современа опрема, туку и на континуираните вложувања во обуката, примената на стандардите и, пред сè, во човечкиот потенцијал…Таа продолжува да биде најважниот столб на националната отпорност, само подготвена армија е вистинска гаранција за суверенитетот, територијалниот интегритет и мирот во државата“,кажа тој.

На централната свеченост за одбележување 34 години од формирањето на АРМ во Охрид беа доделени одликувања и признанија на армиски единици, институции и припадници на Армијата за нивниот придонес во развојот и модернизацијата на вооружените сили на државата.

 

Back to top button
Close