Современите демографски политики се стремат кон олеснување на родителството, а не кон казнување на немањето деца
Во пет години истражување пронаталитетски политики во Европа, не наидов на даноци за невенчани. За такви политики треба да се копа подлабоко, во некои неубави времиња и уште понеубави режими.
Имањето потомство носи позитивни екстерналии за економијата и општеството и затоа треба да биде олеснето од државата, а идеално и стимулирано. НО, сите современи демографски политики (дури и најдесничарските) се стремат кон олеснување на родителството, а не кон казнување на немањето деца.
Секој даночен обврзник (родител или не) на среден до долг рок има ќар ако наталитетот се зголеми, или ако неговото намалување барем се забави. Оттука, *сите* треба – во разумна мера – да придонесуваме финансиски кон таа цел, а не да го фрламе товарот на грбот на една општествена група.
Патем, иако бракот е институцијата која резултира со најмногу деца, но и (генерално) со најдобри животни исходи за нив, врската меѓу неа и наталитетот е малку посложена. Класичниот исклучок е источна Германија, која пред падот на Берлинскиот ѕид, има помалку бракови, повеќе абортуси и *повисок наталитет* од западна Германија. По реобединувањето, бројот на браковите кај „источњаците“ се зголемува, но наталитетот им паѓа не само под оној на „западњаците“, туку и под едно дете по глава на жител (понизок од денес).
Не е сосема аналогно, секако, но поентата е дека општествените трендови, вклучително и одложувањето или избегнувањето брак, се тие што се. Наталитетот е малку поинтересен, бидејќи луѓето во Европа сакаат повеќе деца отколку што имаат – секој втор човек вели дека, во идеални услови, би имал едно дете повеќе. Задачата на политичарите е тоа да им го овозможат *во рамките на постоечките општествени трендови*, а не да се обидуваат – бадијала – да го враќаат времето наназад, или во ним подобна идеолошка насока.
Поддржувам пронаталитетска политика во Македонија и се надевам дека денешната изјава е пробен балон, а не најава за мерка. Но, ако изборот е меѓу ништо и некоја ваква монструозност наспрема која дури и фијаското со „трето дете“ би било мала беба (pun intended), подобро е да си седиме мирни.
Кристијан Фидановски
Автор на докторска дисертација “Пронаталистички ориентации и импликации – Големината и формата на детските бенефиции во Европа” на универзитетот Оксфорд