Современиве вмровци нека намалат малку со занесот дека од нив почнува историјата. Па и ние не сме од вчера.

Премиерот Христијан Мицкоски на интервју за јавниот сервис МРТ, зборувајќи за петте тона дрога што ги фатиле во Србија, а влегле преку македонската граница, рече дека тоа било резултат на политиката на Владата на СДСМ и ДУИ оти довеле голем број граѓани и инвеститори во заблуда дека ќе станат милионери ако отворат бизнис за медицински канабис.

„Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов којашто во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија“, рече Мицкоски на телевизија.

Прво, дали премиерот ја компромитираше акцијата на полицијата штом јавно ја најави?

Второ, од каде знаел премиерот колку марихуана ќе пронајде полицијата во акција што е во најава?

И трето, ако полицијата знаела колку дрога имало во складиштата кај нас, што чекала досега? Прво српската полиција да најде пет тона? Или чекале граѓаните што биле доведени во заблуда од СДСМ и ДУИ дека ќе станат милионери ако произведуваат марихуана, сега да немаат каде да ја продадат, па морале да ја шверцуваат преку границата што сега ја контролираат ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“?

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски рече дека за кратко време успеал да ги стабилизра финансиите на главниот град и најави: „Тргаме во најголемата инвестициска офанзива досега“.

Орце Ѓорѓиевски сигурно не памти каква инвестициска офанзива имало во Скопје по завршувањето на Втората светска војна, кога се правела инфраструктурата на главниот град на новата македонска држава.

Не може да ја памти ни градежната офанзива со инвестиции од сите страни на светот и од цела Југославија по катастрофалниот земјотрес во 1963.

Ама, белким не го заборавил проектот „Скопје 2014“. Каква офанзива беше тоа што нѐ чинеше 700 милиони евра. Мал инвестициски бум ли беше тоа? Уште ги плаќаме кредитите, уште ги чувствуваме последиците.

Разбирам јас што е пропаганда, ама не е баш сѐ толку историско. Пред неколку дена, премиерот Христијан Мицкоски рече дека одлуката на Советот на Европа по 26 години да се затвори постмониторинг дијалогот со Македонија е „историски ден, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста“. Како може „укинување постмониторинг“ да биде еднакво историски значајно како прогласување независност на државата, тоа галиба само премиерот знае. Ако разбираат 99 отсто од граѓаните што е тоа „постмониторинг дијалог“, еве – на!

Ова современиве вмровци нека намалат малку со занесот дека од нив почнува историјата. Па и ние не сме од вчера.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close