СП-Куманово по синоќешната несреќа остана без возило за брза помош.Ќе позајми од Скопје
Општата болница Куманово остана без возила за транспорт и итна помош, откако синоќа во сообраќајка во Скопје, при транспорт на пациент од Куманово, се преврте едно од возилата. Другите две возила се на сервис, а за уште едно се очекува да заврши тендерската постапка и да биде набавено.
Поради ваквата ситуација, раководството на болницата ќе мора да позајмува амбулантно возило од скопската Итна помош или од друго место, бидејќи во моментов нема ниедно.
Директорката на болницата, доктор Снежана Захариева, за „Слободен печат“ вели дека во амбулантното возило кое синоќа се преврте во Скопје, имало кардиолошки пациент којшто е пренесен на Клиниката за кардиологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а со него како придружба упатени биле и една медицинска сестра и возачот. Медицинската сестра е на опсервација поради повреди на раката.