ЈСП-Скопје: Жичницата на Водно е безбедна, во моментот се врши сервис, по чие завршување повторно ќе биде пуштена во употреба

Безбедноста на жичницата на Водно е по сите пропишани стандарди. Таа има валиден безбедносен сертификат до 25 септември годинава. Во тек е тековен сервис, кој се врши овој месец. Направен вонреден детален технички инспекциски надзор од Министерството за транспорт и врски во кој исто така не беа констатирани технички недостатоци, односно беше констатирано дека жичницата е во исправна и функционална состојба, велат од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје како реакција на информациите кои излегоа во јавноста дека е нарушена безбедноста на жичницата и оти подолг временски период работела без дозвола.

-По многуте пишувања и шпекулации во медиумите, должни сме да не дозволиме да се створи паника околу безбедноста на жичницата. Жичницата има валиден сертификат за работа до 24.09.2025 година. Во моментов се спроведуваат сервисни работи за замена на делови кои се дел од предвидениот годишен сервис, велат од ЈСП Скопје.

Оттаму додаваат дека денеска бил направен вонреден детален технички инспекциски надзор од Министерството за транспорт и врски во кој исто така не биле констатирани технички недостатоци, односно било констатирано дека жичницата е во исправна и функционална состојба.

-Ве известуваме дека безбедноста е по сите пропишани стандарди и по завршување на тековниот сервис кој се врши месецов се гледаме, на падините на Водно и граѓаните повторно ќе го почувствуваат бенефитот од функционирањето на жичницата, велат од ЈСП Скопје.

Жичницата што ги превезува скопјани и туристите од Средно Водно до врвот на ридот и Милениумскиот крст повеќе денови е запрена поради голем сервисен зафат. Но, Миќо Стојановски од синдикатот на ЈСП Скопје за одредени медиуми изнесе информации оти таа во изминатиот период работела без работна дозвола.

Back to top button
Close