СП: Заев беше зафатен претходно и затоа средбата Гаши-Заев се одржа вчера, потврдија од Алтернатива

„Средбата во никој случај не била за урување на Владата на Ковачевски. Владата ќе ја оставиме самата да потоне, оти и онака идната пролет ќе падне“, вели генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирие Ибрахими потврдувајќи дека Заев и Гаши имале средба

Генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирие Ибрахими за „Слободен печат“ ја потврди информацијата дека претседателот на партијата, Африм Гаши вчера се сретнал со поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Ибрахими не открива детали за што зборувале Гаши и Заев, но вели дека секако тема не била уривање на Владата на премиерот Димитар Ковачевски.

„Средбата во никој случај не била за урување на Владата на Ковачевски. Владата ќе ја оставиме самата да потоне, оти и онака идната пролет ќе падне“вели Ибрахими за „Слободен печат“.

Тој објаснува дека средбата меѓу Заев и Гаши била претходно планирана, но поради приватни обврски на Заев се реализирала вчера. На средбата тие размениле мислења за политичките случувања во Македонија.

Инаку, независниот пратеник во македонското Собрание, Скендер Реџепи на Фејсбук денеска објави фотографија од средбата. Во објавата прашува зошто Гаши требал да оди на средба со Заев дури до Струмица.

„Прашање за еден милион евра??? Што побара денеска Африм Гаши од Зоран Заев и зошто требаше да оди дури до Струмица? Активистите на Алтернатива, како и пошироката јавност, заслужуваат да ја знаат вистината за оваа средба“објави Реџепи.

Скендер Реџепи стана независен пратеник откако во јуни минатата година ја напушти пратеничката група на Алтернатива – партија што до скоро беше владин коалициски партнер на СДСМ. По реконструкцијата, во Владата влезе Алијанса за Албанците, а Алтернатива отиде во опозиција.

Back to top button
Close