СП2022: Алварез и Меси ја однесоа Аргентина во финале

Аргентина е првиот финалист на Светското фудбалско првенство во Катар, откако вечерва во полуфиналето ја совлада Хрватска во Лусаил со 3-0 (2-0) и во борба за титулата на истиот стадион в недела ќе го чека победникот од вториот полуфинален дуел меѓу актуелниот првак Франција и Мароко.

Хрватска го контролираше натпреварот во воведните 30-ина минути, но  Аргентинците поведоа во 34. минута преку  Лионел Меси од пенал, откако во шеснаесетникот беше фаулиран Хулијан Алварез, а истиот играч само пет минути подоцна со соло акција го зголеми водството на 2-0.

Во продолжението Алварез во 69. минута со својот втор гол на натпреварот на асистенција на Меси стави печат на победата на Аргентина, која последен пат беше светски првак во 1986 година.

Противник на аргентинската репрезентација во финалето ќе биде победникот од утрешниот дуел меѓу бранителот на титулата Франција и најпријатното изненадување на Мундијалот, Мароко.

Финалето е на програмата на 18 декември од 20 часот во Лусаил.

Back to top button
Close