Спасеновски: Се случува избор, но не и правда

По информацијата дека новоизбраниот монах Георгиј е предлогот на Архиепископот Стефан за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), со свој став на Фејсбук излезе универзитетскиот професор и поранешен пратеник Александар Спасеновски

Неговиот став го пренесуваме во целост:

 

Се случува избор, но не и правда

Го познавам владиката Партениј повеќе од дваесет години. Бев средношколец кога првпат отидов во Бигорскиот манастир. Тој веќе беше игумен. Оттогаш поминаа децении. Го гледав постојано. Видов како ја носи голема тежината на своето духовно раководење; како го гради не само Бигорскиот манастир, туку целиот духовен простор околу себе: обнова на други манастири, изградба на нови светилишта, враќање на младите луѓе во Црквата, дијалог со различните… Видов и како стои цврсто покрај тие што страдаат; како доаѓа ненаметливо, токму таму каде што не доаѓаат другите…

Изборот на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија треба да биде момент на заедништвото и на радост. Наместо тоа, добиваме нетранспарентност, молк и една крајно чудна постапка: шест месеци без ниту едно официјално соопштение; без вклучување на верниот народ; и на крај само еден кандидат, предложен во последен можен момент.

Еден?!

Како да нема други?!

Како Црквата да е некаков елитистички тесен круг на самодоволни луѓе, а не тело Христово отворено кон сите?!

А каде е владиката Партениј во тој процес?

Тој е човек на Црквата што целиот живот ја врши таа служба.

Тој е викарен епископ, со важна духовна и административна одговорност токму над епархијата што сега бира нов водач.

И покрај тоа, не само што не беше избран, туку не беше ниту предложен.

Како да се сака да се избрише постоењето на таа можност.

Како некој однапред да решил – кој било, само да не е тој.

МПЦ-ОА има Устав. Во член 73 јасно се наведува: Епископ се избира од редот на монаштвото кој не е помлад од 30 и не е постар од 60 години, има богословско образование и го краси добар глас помеѓу верниците и свештенството.

Владиката Партениј не само што ги исполнува овие критериуми, тој на свој начин сведочи за нив со години. Ретки се монасите што со толкава посветеност останале на едно место и уште поретки се духовните водачи чие дело се гледа и во Црквата и надвор од неа. Неговото присуство е веќе длабоко впишано во животот на Дебарско-кичевската епархија.

Ваков избор не е избор!

Тоа е процедура за легализирање на една малцинска волја.

Тоа е одлука што се крие зад формалности.

Тоа е одбивање да се валоризира очекувањето на народот.

А нашиот народ не молчи. Тој шепоти низ црквите; прашува по социјалните мрежи; потпишува петиции и – најважно од сè – ја покажува емоцијата што ја има кон големината на националното дело на Бигорски.

Таа емоција не се создава со декрет. Таа се гради со години: во болниците, во исповедите, во средбите во најтемните периоди од нечие лично страдање…

Овој избор нема да помине без последици, не само затоа што се заобиколува Владиката. Туку и затоа што процесот беше затворен, нетранспарентен и, уште полошо, неискрен и злонамерен.Доколку на вистинскиот кандидат не му се дава ниту можност, тогаш што навистина се штити во оваа постапка?

Чија удобност?

Чиј авторитет?

Го пишувам ова не како напад, туку како сведоштво. Сведоштво на еден од оние илјадници млади луѓе што од отец Партениј научија дека смирението не е слабост, туку сила! Дека верата не се проповеда со зборови, туку со дела! Дека вистинскиот пастир не оди пред стадото за да го води од високо, туку е меѓу нив, за да го разбере и да го носи кога ќе падне!

Народот го чувствува тоа!

Црквата го чувствува тоа!

Само, за жал, некои изгледа сè уште не сакаат да го видат!

Но еден ден ќе мораат.

И тогаш можеби ќе биде доцна. Не за владиката Партениј. Тој, познавајќи го, верувам дека ќе продолжи да служи. Туку за довербата што ја изгубивте.

Ако некогаш сте се прашале зошто младите си заминуваат од Црквата, зошто луѓето се разочаруваат, еве ви еден дел од одговорот: затоа што кога конечно доаѓа можност да се направи вистинскиот избор, вие ѝ го завртевте грбот на правдата.

Back to top button
Close