Спасителот од Мариупол – како еден човек успеа да евакуира десетици луѓе од опколениот град

Михајло Пуришев спаси над сто луѓе од опколениот град Мариупол и покрај жестоките борби, бомбардирањата и минираните улици. Тоа е човекот кој со својот црвен минибус буквално „се одвезе“ директно во војната.

По последниот контролен пункт го обзел страв. Михајло Пуришев ја поминал последната стража на украинската армија на пат кон Мариупол и тогаш сфатил дека сега веќе де факто се наоѓа во борбената зона. „Одеднаш го видов целиот ужас на војната“, се сеќава тој.

Возел низ минираните улици, поминувајќи покрај изгорени тенкови и гранатирани села. „Имав две Библии во секој од двата џеба на градите, се молев и барав прошка за моите гревови. Но, стравот не исчезна“. Било 8 март. Битката за градот беснеела, бомбите паѓале. А Михајло возел среде пеколот.

Михајло Пуришев не е некој што долго размислува и се двоуми. Овој бизнисмен живее во Киев, но потекнува од Мариупол, каде пред војната имал дискотека. Кога Русите го опколиле градот, тој решил да отиде таму и да види со свои очи што се случува. „Се разбира, знаев дека таму се водат борби и дека никој друг не би одел во градот. Но, таму беа моите вработени“. Собрал пари со пријателите за да купи црвен минибус и тргнал. „Одлуката не ми падна тешко“, се сеќава тој објаснувајќи: „Не знаев што ме чека таму.“

„Како блескав камперски оган“

Михајло Пуришев со својот црвен минибус спасил повеќе од сто луѓе од опколениот Мариупол, можеби дури 200. Не броел. Патот водел низ забранета територија, во град кој беше под постојано бомбардирање. „Од далечина, Мариупол изгледаше како огромен камперски оган“, вели тој. „Секој пат гореше сè посветло и посветло, додека на моето последно патување не згасна. Остана само пепел зад мене.“

Михајло има триесетина години. Го сретнавме во близина на неговиот дом во нова, убаво уредена населба во Киев , каде живее повисоката средна класа. Дојде со неговиот црвен минибус. На возилото со големи бели букви пишува „Волонтер“ – хаубата и страничните делови имаат бројни дупки од шрапнели или куршуми. Михајло со минибусот бил седумпати во Мариупол. Носел помош во градот, а на враќање евакуирал луѓе. За чудо, од куршумите ниту еднаш не бил погоден никој, ниту тој ниту некој од патниците.

Ukraine | Mychailo Purishev hilft bei Evakuierungen aus MariupolМихајло Пуришев со својот црвен минибус спасил повеќе од сто луѓе од опколениот Мариупол

Клубот претворен во засолниште

Кога Михајло првпат пристигнал во Мариупол, на почетокот на март, ситуацијата во градот веќе била сериозно влошена. Во првите денови од војната, Мариупол беше опколен од руски трупи. Украинската армија го бранеше градот, но беше под оган од три страни. Немаше линии за снабдување. Таканаречените коридори за бегство, ограничени прекини на огнот во кои цивилите требаше безбедно да се евакуираат од градот, беа договарани и постојано прекршувани. Оние кои сакаа да го напуштат градот си ги ризикуваа животите. Оние што остануваа исто така.

Михајло пред војната таму имал голем клуб за забава во подрумот на една деловна зграда. Во „Ево гејм клуб“ имало ресторан, подиуми за танцување, караоке соби и места за гејмери. Потоа клубот служел како бункер. Кога заминал таму првиот пат, на почетокот на март, во просториите живееле 160 луѓе, а во текот на деновите и неделите што следеа, бројот постојано растел. „Главно прибиравме семејства со деца и бремени жени“, вели тој. Неговите вработени ја презеле организацијата за да создадат најдобри можни услови за живот. „Се организиравме. Имавме луѓе задолжени да најдат храна и вода. Имаше скара на која можевме да готвиме. Се шегувавме дека живееме во бункер со пет ѕвезди.“

Кога раскажува за тоа, се забележува неговата гордост. Мала насмевка му се појавува на лицето, а гласот му омекнува. На видеото кое ни го прикажува на својот мобилен телефон може да се видат десетици луѓе како седат во групи, а само сјајот на огнот ги осветлува нивните лица. „Какво е расположението?“, прашува Михајло зад камерата. „Бомбастично“, се шегува еден од групата.

Ужасите на војната

Михајло со денови низ градот развозувал хуманитарна помош. Наоколу владеела голема мизерија. На еден од тие денови, кога се наоѓал на улиците од градот и снимал, одеднаш се слуша авион и потоа тој ги вика сите брзо да се засолнат во подрумот. Видеото продолжува. Се гледа како Михајло трча, потоа сликата е црна и се слушаат две силни експлозии и деца како врескаат. Две минути сликата останува црна, а потоа нападот е завршен. Кога излегува од подрумот, на улицата има чад. Една старица лежи мртва до нејзиниот автомобил. Го гледате како трча натаму и заедно со внукот ја легнуваат на тротоар. Црвениот минибус е веднаш пред влезот во подрумот. Минибусот најверојатно придонел никој да не биде повреден во полуотворениот подрум – шрапнелите завршиле во него. Една врата и ветробранското стакло се искршени. На следното видео можете да го видите Михајло како зборува пред камерата и се бори со солзите. „Се надевам дека Бог ги штити децата“, вели тој пред камерата. „Кога ќе го слушнам нивниот врисок ми навираат солзи.“

Михајло Пуришев и самиот има четири деца. Најмногу се плашел од тоа да не види тело на дете меѓу многуте трупови што лежеле низ градот. Постојаното бомбардирање однесе многу животи. Посмртните останки на многумина останале да лежат покрај патот, без да бидат закопани. Едноставно било премногу опасно да се биде надвор толку долг период. „Секогаш кога гледав мртви тела покрај патот, го вртев погледот од страв дека може да има дете меѓу нив“, вели тој. „Мислам дека тоа целосно ќе ме уништеше“.

Ukraine | Mychailo Purishev hilft bei Evakuierungen aus MariupolНа патот кон Мариупол, Михајло Пуришев гледал целосно уништени населби

Видео документи од Телеграм

Михајло Пуришев неговите патувања ги документирал со мобилниот телефон: уништените улици, животот во подрум, очајни луѓе кои се собираат околу автобусот и чекаат ред за храна. Тоа се клипови кои им ги испраќал на своите пријатели во група на Телеграм секогаш кога можел. Знаци на живот од еден град од кој имало сѐ помалку знаци на живот. Со денови не постирал ништо. Потоа групата ќе почнела да се полни со прашања со страв додека некој не напишел: „Нашиот херој е жив, тој се јави”.

„Имаше место каде што повремено имаше мрежа”, раскажува Јевхен Дрјапохуз, еден од неговите соработници, кој многу недели поминал во бункер, а во меѓувреме избегал од градот во еден од конвоите на Михајло. Еднаш на неколку дена трчал до местото со мрежа, за да биде што е можно пократко надвор. Тоа траело околу 15 минути. Потоа ќе се јавела мајка му, која веќе била избегана во странство, и тој ќе ѝ речел само два збора: „Жив сум“, а потоа веднаш, со трчање, се враќал назад. Секоја минута надвор ја зголемувала опасноста да биде погоден од куршум.

И покрај сето ова, Михајло на сите клипови што им ги испраќал на пријателите изгледа претежно радосно. Се гледа група мажи кои си го чистат торзото со снег. „Падна снег, денес може да се капеме”, довикува тој во камерата од мобилниот, како да рекламира авантуристички одмор.

„Моја задача беше на луѓето да им дадам надеж”, вели тој. Дури кога ќе паднел мрак си дозволувал да почувствува слабост. „Тогаш ми навираа емоциите. Се повлекував во бункерот, во некој ќош, за да не види никој дека Михајло Пуришев плаче.“

Ukraine | Mychailo Purishev hilft bei Evakuierungen aus MariupolМихајло сака на фотографиите и видеата да изгледа главно радосно, за да им даде надеж на луѓето

Обични луѓе – спасители

Михајло Пуришев вкупно шестпати се навраќал во градот и носел работи од витално значукраинаење, како месо и зеленчук во конзерви и лекови. На враќање со себе евакуирал луѓе. Набрзо му се придружиле и други доброволци, па возеле во колона, серија бели автобуси кои возеле по црвениот минибус на Михајло, кого сега си го прекрстил во „Волонтер”. Таквите доброволци спасиле илјадници луѓе, вели тој.

Околу 20 од неговите соучесници не се вратиле никогаш. Ги снашле различни судбини – некој погодил мина, некои се нашле среде престрелка, други пак биле уапсени. „Тоа беа луѓе кои велеа дека некој мора да ја заврши таа работа и без двоумење тргнуваа со мене. Тоа беа обични Украинци, обични луѓе.”

Back to top button
Close