Спасов за МИА: Да ја негуваме традицијата на Кирил и Методиј, да се грижиме повеќе за македонскиот јазик

Денеска го одбележуваме 24 Мај, Денот на сесловенските просветители и учители или Ден на светите солунски браќа Кирил и Методиј, основачите на првата словенска азбука – глаголицата.

За тоа колку достојно ги чествуваме Кирил и Методиј, дали во земјава се грижиме за македонскиот јазик и колку го негуваме, за зачестените оспорувања на македонските национални атрибути, собено на јазикот, разговаравме со универзитетскиот професор Људмил Спасов.

Тој за МИА вели дека не се грижиме доволно за македонскиот јазик, но го истакна како позитивен примерот дека во многу земји во Европа и пошироко во светот, особено во Австралија, македонската дијаспора, односно децата мораат да го учат македонскиот јазик како дел од нивната култура.

Договорот со Бугарија, според Спасов, е многу важна работа и покрај несогласувањата за некои прашања. Негирањата, вели тој, не се нови, траат во континуитет и се обновуваат. Најголемиот проблем Спасов го гледа во „митот што се градел со децении дека Бугарите се главниот словенски народ на овие простори“. Тој вели дека не треба да ја поништиме македонската историја, и тие да ја поништат бугарската, туку напротив да ги извадиме позитивните нешта, а, како што нагласува, има многу позитивни нешта што овие два народа ги врзуваат.

Професорот Спасов вели дека е голема честа што сме на некој начин наследници на Св. Кирил и Методиј и според него треба оваа нивна традиција и натаму да ја негуваме.

Деновиве го одбележуваме празникот на словенските просветители св. Кирил и Методиј. Годинава нема чествувања во Рим и Ватикан поради пандемијата. Ќе го прославиме дома, но дали достојно ги чествуваме Кирил и Методиј?

– Мислам дека достојно откако стана официјален празник, но и пред тоа, оние што се сеќаваат, во школите и во другите институции се одбележуваше како Ден на сесловенските просветители. Можеби треба уште повеќе, ќе беше убав моментот ако во школите се одбележеше, како што личи, и особено оние школи во нашата држава што го носат нивното име.

Во изминатите години имаше и заедничко чествување со Бугарија. Годинава ќе нема, но затоа има зачестени оспорувања од Софија на македонските национални атрибути, особено на јазикот, зошто?

– Да, на јазикот и на идентитетот иако доаѓаат изјави од Бугарија дека тие немаат ништо против идентитетот, меѓутоа големото прашање е од кога немаат ништо против дали од 1945-та, бидејќи македонскиот идентитет има длабока средновековна историја. Мислам дека договорот со Бугарија е многу важна работа и дека треба да продолжиме, не само тие, туку и ние во една позитивна смисла. Овие негирања не се нови, тие се поврзани некаде со резолуцијата на Информбирото од 1948 година и траат во континуитет и се обновуваат. За жал, ова последното нивно обраќање или последната книга што ја издадоа од Бугарската академија на науките (БАН) е фактички еден памфлет на обичен политички, политикантски памфлет со многу ниско ниво што мислам не им личи на научниците од Бугарија, бидејќи науката во Бугарија, славистиката во Бугарија и бугаристиката е на мошне високо ниво. Тука се јавија некои непознати имиња и жално е бидејќи БАН застана зад тоа. Се работи за една чиста политика, текстот е со многу ниско ниво. Мислам дека ова треба да го надминеме, тие да го надминат, бидејќи има интелектуални сили во Бугарија што размислуваат позитивно кон сите работи и дека фактички ние како држави не само ние туку и на целиот регион на Југоисточна Европа или на Балканот или на Западниот Балкан како сакате треба да соработуваме за доброто на сите.

Договорот за добрососедство со Бугарија треба да ја засили соработката меѓу двете земји. Во некои области тоа и се случи, но во некои напротив, работите се заострија, особено за историските и образовните прашања. Дали сметате дека со различните толкувања тој почнува да личи на договор за непријателство, а не на пријателство?

Не, јас сум оптимист, така сум воспитан. Се надевам дека ќе ги надминеме и тие ќе ги надминат своите тешкотии, бидејќи разбирате ли дека со децении, со стотици години, почнувајќи од Санстефанска Бугарија се градел еден мит дека Бугарите се главниот словенски народ на овие простори и дека фактички сите што се Словени од турското царство се Бугари на некој начин и дека тоа фактички и го создава најголемиот проблем. Тие треба да застанат пред својот историски мит, не да го поништат нормално, секоја држава и секоја нација си има свои легенди, своја историја, туку да гледаат да го надминат за да можеме да ги воспоставиме мостовите. Ние не сме нивни деца кои можат да ги воспитуваат како сакаат, туку едноставно ние сме еден друг народ, друга нација, која има добра желба да соработува и тоа многу позитивно со сите соседни народи и нации.

БАН неодамна објави издание во кое македонскиот јазик се третира како западен дијалект на бугарскиот. Како го оценувате тој чекор – како научно базиран аргумент во прилог на бугарските позиции или провокација и неевропско однесување спротивно на наводните заложби за пријателство и соработка?

Ќе почнам со таа реченица дека тоа е сосема неевропско однесување. Ние сме сега 21 век, нели, и Бугарија е веќе членка на Европската Унија. Ние сме кандидат за влез во ЕУ почнуваме пристапни преговори и мораме да се однесуваме европски. Што значи тоа? Тоа значи дека треба да ги надминеме сите оние негативни работи од минатото кои се градени на државно ниво, да ги надминеме и да гледаме да ги воспоставиме мостовите на соработка, не да си ги поништиме своите истории. Не да ја поништиме македонската историја, и тие да ја поништат бугарската историја, туку напротив да ги извадиме позитивните нешта, а има многу позитивни нешта што овие два народа ги врзуваат. Според тоа, сметам дека ова е ретрограден, назаден документ и ќе повторам, напишан со мошне низок стил, факт е дека не се потпишале значајните бугарски научници. Еве, 1978 година имаше ист таков памфлет што го имаше и се викаше „За единството на бугарскиот јазик во минатото и денес“ и фактички многу работи се преземени од тој документ. Но, тогаш нели во времето кога Бугарија беше во еден длабок и татарски комунизам, ако смеам да кажам, зад тоа стоеја многу важни членови на Бугарската академија и многу важни научници. Сега беа доволно паметни, се потпишаа некои многу, како да кажам, безначајни имиња на кои можеше да им се наложи задачата. И што направија, земаа главно материјали од тој документ, дополнија со некои нови, а тезата е стара и се повторува. Сето тоа почнува да повторам од 1948 година се разбира, зборувам за нова Бугарија, по револуцијата, по Втората Светска војна, којашто по стојанието на оној договор меѓу Тито и Димитров се менува целата ситуација политичка и тогаш наеднаш почнува негирање на македонскиот јазик. Да не заборавиме дека потоа има пописи во Бугарија, 1955 година ако добро се сеќавам, 1965 година во која се уште е дозволено и кога не е дозволено и кога се вршел притисок врз луѓето, многу луѓе се изјаснуваат како Македонци. Дали може политиката да го смени националното чувство мислам барем на кус рок? Не може! Тоа значи дека мора да си ги признаеме фактите, дека Македонци живеат во таа држава, независно што тоа државата не го признава, меѓутоа мораме да настојуваме да се демократизираме односно да пристапиме позитивно кон нештата, да изградиме една културна соработка која веќе се гради. И покрај овој памфлет ние сме сведоци дека има доста преводи од бугарски на македонски јазик и обратно од македонски на бугарски јазик и кои многу добро се примени од бугарската средина па и од нашата средина овде. Значи, да гледаме позитивно кон работите, да гледаме кон иднината.

Македонскиот јазик е научен, историски и меѓународно признат факт. Зошто се уште се оспорува, и дали и ние самите, во земјава, доволно се грижиме за негова заштита и негување?

Мислам дека убаво е да почнам од крајот. Не се грижиме, ние мораме да ги развиеме нашите лекторати по македонски јазик на универзитетските центри во странство кои ги имавме 26, а сега ги имаме меѓу четири и осум  и кои постојано се во некоја криза. Затоа Советот за македонски јазик подготви еден нов Закон за македонскиот јазик за употреба на македонскиот јазик што токму тоа го преферираше, го форсираше, го афирмираше и уште нешто ние мораме, а тоа стои во законот, во нашите културни центри, па и нашите амбасади во странство, да имаме можност не само студенти кои се на струката на словенската филологија, туку и сите луѓе кои сакаат да го изучуваат македонскиот јазик. Морам да кажам позитивни факти дека многу други држави во Европа и надвор, особено тука ќе ја истакнам Австралија, го лоцираат изучувањето на македонскиот јазик за македонската дијаспора за нашите иселеници кои се таму, па дури и тоа е задолжително. Сакале или не, децата мораат да го учат македонскиот јазик како дел од нивната култура. Не само македонскиот јазик, македонската литература и историја. Тука доаѓа и македонската музика, македонскиот филм и воопшто па дури и македонските јадења, сето тоа што спаѓа во една култура.

Порака од вас за празников.

– Празникот е многу голем датум, овде во нашава средина, во нашава македонска средина. Се бележи многу одамна, значи има еден континуитет од средновековието. Морам да го истакнам нашиот прв историчар Ѓорѓи Пулевски кој го истакнува значењето на Св. Кирил и Методиј. Освен Ѓорѓи Пулевски се разбира и современата македонска славистичка наука му посветува големо внимание на Св. Кирил и Методиј. Меѓутоа во 19 век настанува една словенска преродба и таа почнува од Чешка и таа се шири низ јужнословенскиот свет и пошироко, дури и кај Полјаците, сакајќи да ја истакне посебноста на словенските народи. Оваа преродба дава нов поттик за воздигнување на култот на Св. Кирил и Методиј. Тоа не оди по автоматизам. Култот се воздига преку домашните светци. Ликот на Св. Кирил и Методиј се поврзува со ликот на Св. Климент Охридски. Ќе ја споменам фреската Седмочисленици која имаме чест да ја имаме во многу наши цркви, но таа се наоѓа и во денешна Албанија, и во денешна Грција и се разбира и нешто помалку во денешна Бугарија и Србија. Тоа значи дека преку домашните, актуелните светци да речеме во македонската куќа кандилцето гори за Св. Климент, се обновува култот на Св. Кирил и Методиј. Што значи тоа? Тоа значи подготовка за создавање на современа држава. Затоа нам ни претставува голема чест дека сме на некој начин наследници на Св. Кирил и Методиј и треба оваа нивна традиција и натаму да ја негуваме. Многу е добро што се празнува како државен празник. Морам да споменам уште неколку имиња, пред се професорот и академик Харалампие Поленаковиќ, Вера Антиќ, професорот Илија Делев и многу други, кои нашата наука им ја оддаваа на нужната чест на Св. Кирил и Методиј.

извор: МИА

Back to top button
Close