Спасовски: Буџетот на МВР за 2022 година ги одразува заложбите и приоритетите, зголемување на платите за 5 проценти
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го претстави Предлог-буџетот на МВР за 2022 година, со вкупна вредност од 10 милијарди и 410 милиони денари, испланиран согласно развојната компонента за подобрување на работењето и реализирање на сите активности што се во надлежност на Министерството, како и негово непречено функционирање и работење за остварување на основните стратешки приоритети и цели.
Според Спасовски, овој буџет целосно ги одразува заложбите и приоритетите на МВР за континуирано системско реформирање на полицијата, преку етаблирање на принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од најкруцијалните фактори за просперитет на државата.
Во Предлог-буџетот на МВР обезбедено е зголемување на платите за вработените за пет проценти, со цел продолжување на процесот на усогласување на платите на припадниците на МВР согласно постоечките договори за зголемвуање на плати. Обезбедни се и средства на бонус плата, потенцира Спасовски, за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година.
Преку реализација на вака проектираниот буџет, нагласи Спасовски на денешната прес-конференција, се остваруваат две основни цели, првата е продолжување на воспоставениот концепт за полицијата како сервис на граѓаните. Втората цел е создавање модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе ја гарантира нивната целосна лична и имотна сигурност, и ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи во превенција од сите облици на тероризам и други противуставни дејствија.
Образложувајќи го буџетот, Спасовски потенцира дека целта е продлабочување на партнерството меѓу граѓаните и полициските службеници што ќе продолжи да произведува уште поефективни резултати за безбедноста и сигурноста, за одржување на јавниот ред и мир, како и заштита на материјалните добра на граѓаните. Како дел од проектите од кои директен бенефит ќе има заедницата, наведе, е продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици.
Тој потсети дека со ова, раководство во изминатите години целосно се реконструирани 63 објекти на територијата на целата држава, а се имплементирани мерки за енергетска ефикасност. За илустрација, Спасовски посочи на прегледот на трошоците за испорачана електрична енергија споредбено во 2017 и во 2021, пришто подвлече дека во одредени сегменти се зборува за 100 проценти заштеда, односно вкупно на ниво на МВР, станува збор за 5 милијарди и 376 милиони денари заштеда на народни пари. Тоа, истакна Спасовски, говори за домаќинскиот однос остварен со овие реконструкциски зафати.
Така, само во периодот од крајот на минатата година до ноември 2021 завршена е реконструкцијата на 13 објекти и тоа управни служби во ОВР Кавадарци и СВР Куманово, полициските станици и одделенија во Крива Паланка, Гевгелија, Ростуше, Ресен, Дојран, Старо Нагоричане, Ранковце, Чашка, Македонска Каменица и Кривогаштани, како и објектот за исхрана на САЕ „Тига“.
– Со зголемен буџет за оваа ставка во 2022 година за 100 милиони денари во споредба со минатата година, веднаш ќе продолжиме со градежните активности и тоа најнапред во Центарот за обука Идризово, кој е расадник на полициските службеници, но и на добар дел од високообразовните кадри во МВР, како и оние кои низ разни обуки и тренинзи се вклопиле во рамката на работењето на Министерството и даваат несебичен придонес во системот на безбедност на земјавата, изјави министерот Спасовски.
Тој најави и реконструкција на Одделот за граѓански работи во МРТВ, кој, како што истакна, практично го претставува лицето на полицијата пред граѓаните. Во овој сегмент спаѓа и изградба на Полициската станица Аеродром.
Во Предлог буџетот на МВР за 2022 испланирани се и средства за проектот „Автоматизирана идентификација на отпечатоци од прсти и дланка“, нешто што влегува во групата на лабораториска опрема за новиот објект на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, кој ќе биде опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката односно форензиката и ќе претставува есенција во полициско-истражителското дејствување.
– Со ова ќе ја исполниме целта – ОКТИВ да прерасне во Национален форензички центар, каде што ќе биде инсталирана современа инструментална опрема и ќе се спроведуваат анализи и вештачења по стандардизирани постапки, хармонизирани со најдобрите ЕУ форензички практики, рече Спасовски на прес-конференцијата.
Уште еден нов момент предвиден во буџетот, информира министерот, е модернизација на летало на Одделот за воздухопловни единици на МВР, со најмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари.
– Како министер за внатрешни работи за цел овој период сум свесен дека за изградба на силна институција, која ќе го гарантира редот, безбедноста и владеењето на законите, како и етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста во интерес на сите наши граѓани, мораме континуирано да вложуваме, рече меѓу другото Спасовски.
Тој додаде дека се исплатени трите заостанати бонус плати за прекувремени изработени часови, а тековните бонус плати навремено се исплаќаат, обезбедени се поголем број донации во возила и опрема з аразни полициски организациони единици, а целосно нова униформа е обезбедена за младите полицајци и припаправници.
Спасовски оцени дека мотивираноста на полициските службеници се рефлектирала во добри резултати на генерланата безбедносна состојба во државата во текот на 2021 година, која е стабилна, без сериозни безбедносни настани, а стапката на вкупниот криминалитет е намалена во однос на истиот период лани. Сузбиени се седум организирани криминални групи, во кои членувале 42 лица, кои делувале во областа на недозволена трговија со дрога, мигранти и бесправна сеча на шуми. Спасовски меѓу другото наведе дека во рамки на спречување на недозволена трговија со дрога, пресечени се 12 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, а за недозволената трговија со оружје, откриените кривични дела бележат зголемување за 23,4 проценти.
– Верувам дека граѓанскиот буџет на МВР за 2022 година е реална рамка за остварување на нашата високо поставена цел, ефикасна и задоволна полиција, високо мотивирана да застане на првите линии во се што ќе придонесе за зголемување на безбедноста и сигурноста на нашите граѓани и држава, рече министерот Спасовски.
Тој најави и продолжување на соработката со Македонскиот полициски синдикат и другите синдикати, со цел заеднички да се унапредуваат условите за работа и да се подобруваат материјално – техничките добра на полицијата и на сите вработени во МВР.