Спасовски: Договорот со Фронтекс е потврда за капацитетот и интегритетот на македонската полиција за партнерство со ЕУ

Со Договорот со Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) е создадена правна рамка за соработка за заедничко зачувување и управување со границите и спречување на прекуграничниот криминал, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју на Националната телевизија.

Говорејќи за потпишувањето на Договорот за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) во земјава, Спасовски нагласи дека е многу горд што успеавме, како што рече, да го потпишеме овој прв договор со ЕУ, кој има повеќе значења за државата.

– Првото и најзначајно што останува во историјата е дека е потпишан на македонски јазик и како прв договор, практично на дело ги покажува перспективите од отворањето на преговори со ЕУ. Горд сум што оваа Влада го внесе македонскиот јазик во официјалните јазици на ЕУ, потенцира министерот Спасовски.

Тој појасни дека со Договорот на барање на државата може да се распоредат полициски службеници од Фронтекс на критични точки на границите, да работат со нивните македонски колеги, при што сите дејствија се во содејство со македонската полиција.

– Покрај размена на искуства и знаење, ќе може да се користи и целата опрема на Фронтекс, а најголемата придобивка е безбедноста на нашите граѓани на регионот и на ЕУ, објасни министерот Спасовски.

Прашан зошто толку време се чекаше да се потпише Договорот и кои беа спорните моменти, односно што беше клучно за отстранување на тие спорни моменти, министерот Спасовски наведе дека првичната иницијатива за договор била покрената во декември 2016 година од Европската комисија.

– Ја прифативме, формиравме тим за преговори, македонскиот тим разговараше и во јули 2018 со тогашниот еврокомесар Аврамопулос, ние го парафиравме текстот на Договорот со Фронтекс, со што бевме прва држава во регионот која целосно ги заврши преговорите. Зошто се одложи? Заради блокадата од Бугарија. Ние инсистиравме Договорот да биде потпишан на македонски јазик и не отстапивме од тоа. Беа понудени неколку формулации, но ние сакавме договорот да биде потпишан исклучиво на македонски јазик, објасни министерот Спасовски, додавајќи дека заради промена на европската регулатива, беше отпочнато со изработка на нов предлог договор кој беше завршен за експресно кратко време, во две рунди на разговори со ЕК.

На мое лично задоволство, истакна тој, го имаме првичниот договор и паднаа во вода сите манипулации и лаги од опозицијата дека, како што рече, ЕУ не нѐ признава како македонски народ, со македонски јазик.

– Напротив, ова денеска што го имаме како документ го признава македонскиот јазик како официјален, народот како македонски, идентитетот сочуван. Како горди Македонци со македонски јазик ќе бидеме дел од ЕУ, кој колку сака нека манипулира за дневно политички цели – ова се фактите!, беше дециден Спасовски.

На прашањето дали Договорот има скриени елементи, министерот Спасовски посочи дека бројни шпекулации се појавуваат за дневно политички цели.

– Зошто одредена политичка структура секогаш кога државата треба да оди напред, се обидува да ја стопира – тоа е многу поважно прашање, историски гледано кој е тој кој постојано сака да застане на патот на државата. Не може да стане збор за никако сокривање во договорот. Како луѓе сите сме сомничави, меѓутоа овој договор треба да се ратификува во Собранието, ќе биде објавен со „Службен весник“, што значи секој граѓанин ќе може да го прочита, нема ништо сокриено, истакна министерот Спасовски.

На прашањето колку како институции и држава сме подготвени за овој Договор, министерот Спасовски меѓу другото потенцира дека професионализмот, етичноста, интегритетот, почитувањето на човековите права се темелите на овој договор, како и соработката на македонската полиција со ЕУ, како кредибилен партнер со ЕУ, но и со САД во многу заеднички оперативни акции.

Спасовски се осврна на тоа дека од 2015 година до денес имаме договори со билатерална акција со полициски службеници од Чешка, Хрватска, Полска, Словачка, Австрија, Унгарија, Србија, заеднички работиме на обезбедување на границите.

– Капацитетот и интегритетот на македонската полиција е достоен да бидеме партнери и со европските земји, беше дециден министерот Спасовски.

Back to top button
Close