Спасовски: Единицата за брзо распоредување е подготвена да одговори на сите задачи на исто рамниште со колегите од Европа

Единицата за брзо распоредување профилирајќи се во реална високо-специјализирана полициска единица, со исти такви квалитети на секој нејзин припадник, воспоставени преку јасно подигнатите стандарди и професионални критериуми од сите аспекти – физички, ментални, образовни и технички, претставува Единица подготвена да одговори на сите зададени полициски задачи, самостојно и координирано, без оглед на нивната специфичност и сложеност. Со својата професионалност, посветеност, пожртвуваност, знаења и вештини на припадниците со широки оперативни перформанси Единицата е на исто рамниште со истородните полициски формации на полициите од Европа и светот.

Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на свеченоста во полицискиот центар „Ѓорче Петров”, по повод одбележувањето на Денот на формирањето на Единицата за брзо распоредување.

 

Оваа единица, додаде тој, во текот на својот раст ги поприми контурите на визијата со којашто стартувавме пред неколку години – за градење на нов ефикасен безбедносно-полициски систем што целосно ќе биде во функција на потребите на сите наши граѓани.

 

– Примарна заедничка цел беше и останува мотото дека за нашата полиција, за сите нејзини припадници не треба и нема да постои градација на важни и помалку важни единици или работни задачи, оти нашата заедничка цел, но и со Уставот и законите, дефинирана задача е чувањето на редот и законите како и сигурноста и безбедноста на сите граѓани на Република Северна Македонија. Вие припадниците на Единицата за брзо распоредување и не така одамна при одржувањето на насилните протести одблиску бевте учесници и сведоци дека полициската професија секојдневно е соочена со безброј предизвици на кои треба веднаш да се одговори, а вие и овој пат ја потврдивте вашата професионалност и посветеност зачувувајќи ја безбедноста на институциите, граѓаните и државата, потенцира Спасовски.

 

 

 

Тој увери дека свесни за важноста за реформирање и надградување на полицијата согласно светски признатите стандарди МВР ќе стори се во рамки на законските и финансиски можности за да овозможи што е можно поквалитетни предуслови за работа, а од припадниците на Единицата очекува своето знаење, вештини, професионална етичност и интегритет да ги вложат во етаблирање полиција со која ќе се гордее секој наш граѓанин.

 

– Разбирливо е што за Министерството е императивно прашањето за натамошно развивање и на Единицата за брзо распоредување како во делот на имплементирањето на нови методологии на дејствување, потоа натамошна материјално-техничка модернизација, пред се во смисла на техничко-функционална опременост, како и прилагодување и примена на технички софистицирани средства и системи на работа. Впрочем, Единицата тоа со право го заслужува, земајќи ги предвид нејзините постигнувања, но и богато професионално портфолио, исто како што дополнително и околностите и трендовите во безбедносната сфера во регионот и во Европа тоа го бараат од секоја држава, порача Спасовски честитајќи го роденденот на Единицата.

Командантот на Единицата Столески во обраќањето истакна дека ЕБР која слави 21-ви роденден, од нејзиниот почеток, па до денес, беше вклучена во извршување на многубројни сложени, ризични безбедносни задачи, кои само помогнаа таа да се зацврсти и да се изгради како фактор на безбедноста на граѓаните и еден од столбовите за стабилноста на државата.

Ова е основната нишка што ја позиционира Единицата за брзо распоредување високо на лествицата на безбедносниот систем на државата, а како Единица во состав на Одделот за специјални полициски операции претставува суштествена вооружена формација на Министерството за внатрешни работи, која може секогаш и секаде да одговори на сите безбедносни предизвици. Без лажна скромност ќе ми дозволите да кажам дека навистина сме горди на постигнатото, бидејќи 21 година подоцна со полно право можеме да кажеме дека припаѓаме на Единица која е дел од историјата, која живее во сегашноста и ќе биде основа за безбедноста на граѓаните и државата во иднина, рече командантот на ЕБР.

 

 

 

Тој се осврна на дел од задачите кои Единицата ги реализираше во текот на минатата година како оперативни задачи во борба против тероризмот и организираниот криминал, обезбедување на стабилен јавен ред и мир на јавни собири, манифестации, протести, асистенција на останатите служби во МВР и други државни органи, и помош на населението и институциите при елементарни и природни незгоди, за чие извршување, нагласи, потребни се мотивирани, храбри и добро обучени полициски службеници,што всушност, претставува и важно обележје на припадниците на Единицата за брзо распоредување.

 

​- И во периодот кој следи имаме големи планови за Единицата. Согласно новите текови – членството во НАТО и процесот на евроинтеграција на државата, се отвораат нови можности за развој и модернизација на Единицата. Благодарение на решителноста на ова раководство на МВР согласно поставените стратешки цели за создавање на модерна, стручна и задоволна полиција, работиме на подобрување на условите за престој и исхрана на припадниците, зголемување и дооформување на капацитетите за обука, како и доопремување и модернизација на Единицата со материјално-технички средства, возила и вооружување согласно стандардите на сродните единици во Европа и пошироко, рече командант Столески, изразувајќи надеж дека со соработката и поддршката од страна на МВР, Владата, како и од пријателите на Единицата, заедно ќе успеат во остварување на зацртаните цели.

 

На свеченоста меѓу другото, за исклучителен придонес и развој на модернизацијата на полицијата беа доделени плакети на министерот Спасовски, за успешната соработка и поддршка на министерот за правда Никола Тупанчевски вработени, како и на припадниците на Единицата за постигнати резултати, покажаната висока професионалност при вршењето на задачите.

Пред почетокот на свеченоста, цвеќе на спомен плочата на загинатите и починатите припадници на ЕБР во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ положија делегации од МВР, предводена од министерот Спасовски, од МПС и од Одделот за специјални полициски операции, како и членови на нивните семејства и колегите од Единицата за брзо распоредување предводени од командантот Вице Столески.

Back to top button
Close