Спасовски: Годинава 18 август го славиме како членка на најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот НАТО

– Оваа година, 18 август, Денот на Армијата, синонимот и чуварот на македонскиот суверенитет и државност, го славиме и како Армија која е рамноправен член и дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот НАТО, напиша на својот Фејсбук профил премиерот Оливер Спасовски, упатувајќи честитка до припадниците на Армијата.

И во овој период на тешки околности заради пандемијата со КОВИД-19, наведува Спасовски, припадниците на Армијата се со народот за да го помогнат спречувањето на ширењето на коронавирусот – на границите, во заразените подрачја, им помагаа на граѓаните во карантините, на загрозените семејства, го помагаа одржувањето на јавниот ред.

– Како резултат на спроведените политики, во Армијата денеска платата и приходите на нејзините припадници се достоинствени. Денес војниците не се грижат за станбеното обезбедување и за дневници, туку за новите вежби од светски ранг. Ја подмладивме Армијата со дополнителни 700 припадници, дел војници, а дел млади офицери, и за прв пат во Законот за служба обезбедивме подеднакви услови за пензионирање како и за полицијата, посочува Спасовски во честитката.

На сите припадници на Армијата им го честита Денот на Армијата и, како што додава, им посакува да продолжат со посветената работа и со успех да го украсуваат сојузништвото со нашите сојузници во НАТО.

Back to top button
Close