Спасовски: Интензивно работиме со МОН, сите заеднички да постапуваме за учениците да бидат безбедни и безбедно да се одвива наставата

Интензивно работиме со Министерството за образование и наука (МОН) и веќе се направени одредени усогласувања. Ќе почне и комуникацијата меѓу нашите Сектори за внатрешни работи и образовните институции, заради тоа што сите треба заеднички да постапуваме за да дојдеме до решение во кое учениците ќе бидат безбедни и безбедно ќе се одвива наставниот процес, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со дојавите за бомби во училиштата.

Прашан за тоа дали размислува да се воведе 24 часовно обезбедување во училиштата, Спасовски информираше дека денеска е донесен посебен акт во делот на тероризмот, поради тоа што претходниот е застарен, и согласно овој акт од утре ќе се почне со нови активности. Како што рече, веќе се донесени одредени насоки за утрешниот ден.

Тој додаде дека МВР патролно веќе ги обезбедува сите училишта 24 часа, но согласно новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки, и како што рече, од тоа нема да има отстапки.

Back to top button
Close