Спасовски: Изборите се референдумски важни, да продолжиме на сигурно по правиот пат, излезете на гласање

Изборите на 15 јули се референдумски важни, бидејќи гласаме за сигурност и избираме да продолжиме по правиот пат, изјави Оливер Спасовски, носител на кандидатска на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ во ИЕ 2.

– Спротивната опција на овој пат е опасност од обновен режим и тоа никој од нас не сака ни да помисли што ќе значи: нови политички дестабилизации, делби, конфликти дома, кавги со соседите и со светот, нова изолација на државата, нула пари за граѓаните и државата и повторно трауми и милиони преку вашиот грб во истурени раце на Мицкоски и носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ, рече Спасовски.

Тој посочи дека постигнале социјална сигурност, економска сигурност, безбедносна сигурност. Спасовски истакна дека нашата држава денеска е членка на најголемиот безбедносен и политички сојуз НАТО. И е на чекор до отворање на преговорите со ЕУ, што веднаш откако тоа ќе се случи ќе значи европски пари за државата – за европски стандарди дома, во нашата земја.

– Ова се избори коишто бараат од нас да ја покажеме нашата одговорност – колку сме подготвени да ги направиме разликите помеѓу постигнувањата во изминатите 3 години, со 11-годишното тонење на државата и да застанеме во одбрана на тие постигнувања. Затоа велиме дека гласот за број 3 на овие избори значи: -Сигурен раст на платите на граѓаните, а не на нови милиони народни пари кај луѓето на Груевски. -Сигурна правда, преку прочиствување на правосудството од корумпирани судии и обвинители, а не Мицкоски да ги спасува Камчев, Груевски и нивните помишници. -Значи сигурен пат, по НАТО – и кон ЕУ, а не тие да го поништат Договорот од Преспа и да предизвикаат нова внатрешна и надворешна нестабилност.-Сигурни одговорни луѓе кои докажано денес пружаат  здравствена грижа за сите, а не неодговорни како Мицкоски и соработниците, кои блокираат проекти во здравството, шират паника и мислат на тендери, на штета на здравјето на граѓаните, рече тој.

Тој апелира дека изборите се безбедни и нивното одржување ќе биде спроведено по строго утврдени протоколи.

– Да одговориме на нашата граѓанска должност денес – за да не се каеме што сме пропуштиле – утре, бидејќи за тоа по 15 јули ќе биде многу доцна. Секое останување дома е глас за обнова на режимот. Секое гласање за ДУИ е глас за ВМРО-ДПМНЕ. Секое излегување на гласање и избор на бројот 3 е избор на сигурна иднина.Се грижиме за сите. Ве чуваме на сигурно. Дајте ни шанса, останете на сигурно. Број 3, за сигурност и спокој, наместо обновен режим и неспокој, истакна Спасовски.

Back to top button
Close