Спасовски : Лажните дојави трошат многу сили и ресурси, но полицијата е апсолутно подготвена

Да се влијае на политичкиот момент во државата, да се влијае на капацитетот на институциите, да се влијае на граѓаните преку предизвикување вознемиреност, несигурност, да се се пласираат лажни дојави, лажни вести се практично целите кои сакаат да се постигнат со лажните дојави на бомби, кои се случуваа изминатите недели во повеќе скопски средни училишта, вели во интервју за МИА, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Нагласува дека за секоја ваква дојава постојат протоколи,кои мора да бидат испочитувани без разлика колкав е степенот на веројатноста во однос на подметнувањето на бомби, што секако троши многу сили и енергија, но потенцира дека полицијата е апсолутно подготвена со сиот потенцијал и капацитет и оти во целиот процес се вклучени повеќе сектори.

-Меѓутоа, сепак, има полициски станици од општа надлежност, има многу други структури коишто активно работат во секој еден сегмент во зачувувањето на безбедноста. Така што тие што мислат дека ќе предизвикаат ваков еден настан и дека полицијата само таму ќе се сконцентрира, а притоа нема да ги следиме другиве активности тоа е навистина залудно надевање затоа што ние практично и во такви услови на постапување во истиот момент имаме на пример реализација на друга активност – дали е тоа трговија со дрога или криумчарење на мигранти и тоа е практично нешто што ни се случува секојдневно, нагласува министерот.

Спасовски во интервјуто за МИА вели дека во лажните дојави за бомби во средните училишта изминативе три недели карактеристично беше што се случуваа во среда, четврток и петок и не само тоа, како што истакна тој, тие се случуваат во една смена кога има само одредени класови и наставен кадар во таа смена.

Тој нагласува дека при крај е еден дел од истрагите и појаснува дека кога ги анализираат дојавите, тие во истрагата опфаќаат повеќе аспекти, односно дали се работи за некаква геостратешка цел, дали се економски или политички причините.

За тоа како да се заштитиме, од ваквите, како што многумина велат хибридни закани и како да се спречи создавање паника кај населението, Спасовски нагласува дека тука мора да придонесат сите.

-Јас во оваа прилика упатувам до сите медиумски работници и до сите медиуми заради тоа што навистина е потребно многу одговорно да се однесуваме сите и само тоа е моделот како да се заштитиме од предизвикување на општ хаос или паника. Оние коишто имаат најголемо влијание врз граѓаните тие најмногу можат да придонесат да имаме релаксирање на состојбите во овој момент, односно едно трезвено однесување пред се одговорно кон државата и кон граѓаните. И тоа го покажавме и како институции и како медиуми и како сите структури коишто ни се надлежни во овој дел, порача Спасовски.

Во продолжение следува целото интервју со министерот Спасовски со видеоматеријал:

Изминативе три недели имаше повеќе дојави за бомби во повеќе средни училишта во Скопје и тоа сите во среда, четврток и петок. Сите беа лажни. Имаат ли некаква симболика последните три дена во неделата или можеби дојавите се поврзани со некои побитни случувања во земјава?

Тоа што се случува во изминатиов период навистина не вознемирува сите нас, и граѓаните, и наставниот кадар, и родителите и повеќе пати реков дека иако е хибриден напад, сепак е нешто што предизвикува вознемиреност и претставува монструозен чин во однос на тоа што се прави – дали е најавата за бомба во Јавното сообраќајно претпријатие, дали е најава за бомба во училиштата. Постојат неколку карактеристики во однос на пријавите, не само дека се случуваат во последните три работни дена во неделата, тоа е една од карактеристиките. Се случува да биде во една смена, значи кога само тие одредени класови и наставен кадар се на смена итн., тоа се некои карактеристики коишто се забележани и коишто практично се дел од анализите коишто ги правиме. Кога анализираме, анализираме од повеќе аспекти за да ги опфатиме сите во делот на истрагата дали се работи за некаква геостратегиска цел, дали се тоа некакви политички причини, дали се економски причини итн. Тоа се повеќе аспекти коишто колегите ги анализираат. Вклучени се повеќе оддели во рамките на Министерство за внатрешни работи, не е само Одделот за борба против тероризмот и екстремизам. Веднаш се вклучува и Одделот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Секако дека организиран криминал целото тоа го покрива и сите тие податоци коишто ги добиваме и Секторот за меѓународна соработка се враќаат назад, се анализираат за да се обезбедат доказите. Тука е најважниот момент во делот на истрагата заради тоа што сето она што ќе го констатираме ќе мора на крајот да биде поткрепено и со докази. Така што веднаш по добивањето на тие мејлови се започнува со утврдувањето на ИТ-адресите, од каде се пратени, како итн., се прават контакти дали се тоа ИП-адреси коишто се практично виртуелни, заштитени, па се праќаат податоци, се бараат и од тие коишто ги имаат практично овие платформи и на крајот се како дека по обезбедувањето на доказите ќе можеме и подетално да ги утврдиме и причините и начинот зошто тоа е направено. Знаеме дека имавме злоупотреба на две лица преку користење на нивни податоци дека практично се испратени тие лажни дојави. Интензивно работиме сите служби коишто е потребно да работат и во голема мерка имаме дојдено скоро до крај во однос на еден дел од истрагите, па да видиме што ќе покаже до крај обезбедувањето на доказите и секако дека благовремено ќе се информира јавноста во однос на целиот тој случај.

 

Колкав број човечки ресурси ангажира МВР при дојава на бомби дневно, во еден од деновите имаше дојави дури во девет училишта и дали е можно во една вакво обемно ангажирање на полицијата да се вршат големи криминални дејствија или пак сето ова е хибриден обид за онеспособување на системот? 

Имаме практично неколку цели коишто сакаат да бидат постигнати генерално со ваквите најави – да се влијае на политичкиот момент во државата, да се влијае на капацитетот на институциите, да се влијае на граѓаните преку ваквата вознемиреност, несигурност итн., да се пласираат лажни дојави, лажни вести. Тоа се цели коишто практично ги посакуваат сите оние коишто ова го прават. Знаете дека вакви дојави не се изолиран случај само во Северна Македонија. Во регионот многу често, еве Германија, САД итн. Е сега, на основа на тоа постојат протоколи коишто мора да бидат испочитувани без разлика колку е степенот на веројатноста во однос на подметнувањето на бомби, меѓутоа целиот протокол мора да биде испочитуван, да се евакуираат тие училишта, да се обезбеди периметар околу зградите. Секако дека се трошат многу сили и енергија. Меѓутоа, ние сме подготвени апсолутно со сиот потенцијал и капацитет и колегите прават натчовечки напори. И тоа е класифициран податок, јас не можам да изнесувам бројки и податоци во јавноста, меѓутоа напоменувам со самото тоа што кажав колку сектори, колку оддели се вклучени во целата оваа активност доволно говори за сериозноста. Меѓутоа, сепак, има полициски станици од општа надлежност, има многу други структури коишто активно работат во секој еден сегмент во зачувувањето на безбедноста. Така што тие што мислат дека ќе предизвикаат ваков еден ваков настан и дека полицијата само таму ќе се сконцентрира, а притоа нема да ги следиме другиве активности тоа е навистина залудно надевање затоа што ние практично и во такви услови на постапување во истиот момент имаме на пример реализација на друга активност – дали е тоа трговија со дрога или криумчарење на мигранти и тоа е практично нешто што ни се случува секојдневно.

 

Повеќе пати изјавивте дека сте многу блиску до откривање на заканувачот но и дека за тоа е потребна меѓународна помош. Дали тоа значи дека заканата е однадвор и дали тоа што досега не се откриени заканувачите можно е зад нив да стојат поголеми групации, можеби држави кои сакаат да не видат уплашени? 

Да, ние работиме заедно со сите наши партнерски служби, пред се со Европол, со Интерпол, ги користиме сите можни капацитети коишто стојат на располагање се со цел да се помогне во истрагата, да се добијат одредени податоци. Реков дека утврдувањето на доказите, на фактите ќе ни даде можност да ги разоткриеме сите причини и учесници во сето ова итн., така што апелирам на трпение заради тоа што многу е важно истрагата да ја водат колегите во рамките на процедурите на крајот да имаме успешна истрага и реализација, која што е завршена отколку можеби секојдневно да пласираме некакви информации коишто ништо нема да помогнат. А знаете дека една од клучните цели на оние коишто се занимаваат со овие хибридни напади, со ширењето на паника, на страв е јавноста и најмногу погодува јавноста на оние лица коишто се занимаваат со вакво нешто.

Што велат вашите сознанија од соседството, како ште се Србија или Хрватска каде исто во имаше лажни дојави за бомби во училишта, но и во други институции, дали им се случиле некакви политички промени или други дејствија во времето на фокусирање на јавноста и полицијата кон бомбите? 

Овој период во делот на безбедноста, зборувам како временски период во којшто Русија изврши таква воена инвазија врз Украина многу погодува за практично големи предизвици во делот на безбедноста меѓу кои и хибридните напади или т.н. кибер криминал. Кажав дека не сме изолирани како земја во регионот и Хрватска, и Србија. Во Србија и по 50 најави во еден ден имаше во училишта и во други институции, Хрватска исто така и навистина секој еден орган, секоја една институција во државата, посебно безбедносните институции сериозно и многу посветено работат да се сочува безбедноста на граѓаните и стабилноста на државата. Така што и тие коишто сакаат да предизвикуваат ваква несигурност знаат дека ниту можат, ниту дека ќе ги поколебаат институциите да се борат за својата безбедност и за заштита на мирот и спокојот на граѓаните. Така што тоа како можност се исклучува. Причините реков дека можат да бидат од неколку аспекти – дали се тоа геостратешки, дали се политички, дали се безбедносни, односно економски итн., меѓутоа која и да е причината ефектот е тој којшто предизвикува таква несигурност.

 

Рековте дека нема да ги поколебаат институциите во постапувањето, но успеаа да ги вознемират граѓаните?

Тоа е целта. Тоа е целта да успеат во вознемиреноста и секако дека се што се случува во одреден момент во државата може да предизвика вознемиреност. Зарем помала вознемиреност предизвикуваат лажните вести? Можеби не предизвикуваат таква масовна вознемиреност, меѓутоа предизвикуваат вознемиреност кон одредени таргети – нарушувањето на политичките институции итн. Сето тоа е цел на оние коишто ги прават ваквите најави.

Претпоставувам дека полицијата по првите закани за бомби ги обезбедува училиштата и зошто толкаво ангажирање на антитерористичките единици при повторните дојави за бомби, дали е тоа поради процедурата или и покрај вашите патроли може да има опасност? 

Да, се обезбедуваат и патролно се покриваат сите овие објекти витални не само училиштата. Меѓутоа, јас напоменав дека постојат протоколи од коишто не може да отстапите кога имате ваква дојава. Колку и да е проценката дека таа дојава е лажна вие на крајот мора тоа да го потврдите затоа што денеска ме прашувате дали е рационално да се трошат толку сили ако знаеме дека е можно да биде дојавата лажна, меѓутоа ако нешто се случи утре сигурно дека ќе бидете први коишто повторно ќе прашате и ќе повикате на одговорност. Така што полицијата не може да работи така како што ќе ни сугерира јавноста. Полицијата мора да работи во рамките на стандардните оперативни процедури и сите протоколи коишто ги имаме за да бидеме сигурни дека е осигурана безбедноста на граѓаните.

Повеќе експерти и надлежните, како МВР, велат ова се хибридни закани, како да се заштитиме од ваквите закани, како да се спречи создавање паника кај населението? 

Во овој дел мора сите да придонесеме. Јас во оваа прилика упатувам до сите медиумски работници и до сите медиуми заради тоа што навистина многу одговорно се однесуваме сите и само тоа е моделот како да се заштитиме од предизвикување на општ хаос или паника. Оние коишто имаат најголемо влијание врз граѓаните тие најмногу можат да придонесат да имаме релаксирање на состојбите во овој момент, односно едно трезвено однесување пред се одговорно кон државата и кон граѓаните. И тоа го покажавме и како институции и како медиуми и како сите структури коишто ни се надлежни во овој дел. Така што мислам дека ваквите состојби што ни се случуваат не се состојби коишто може да бидат политизирани, состојби коишто може да на кој било начин ги толкуваме заради различни цели заради тоа што на тој начин би помогнале во намената на оние коишто ги предизвикуваат ваквите хибридни напади. Така што, тоа е еден од механизмите како што најдобриот механизам да се справите со лажните вести е да ја пласирате вистината и да бидете транспарентни и да бидете брзи во одговорот и овде е важно институциите да функционираат, брзо да реагираат, да бидат ефикасни и тоа го правиме во целиот изминат период.

 

Немате конкретни информации дека сте блиску до заканувачот, односно само сте дојдени до крај на еден дел од истрагите, дали можеме да очекуваме нова дојава за бомба, бидејќи утре е среда?

Јас ниту сакам да шпекулирам, ниту сакам предвремено да предизвикувам некакво внимание во јавноста. Јас само кажувам дека тоа што ние сме блиску до потврдување е една работа, тоа не може да исклучи дека може да се случи некаков друг настан. Знаете, ние денеска апсиме една група која што се занимава со трговија на дрога тоа не значи дека од утре ќе престанат сите. Имаат и други криминални групи и активности. Затоа реков, анализите и истрагата ќе ги покажат сите овие прашања коишто и денеска ги поставуваме. Затоа е важно да бидеме трпеливи во овој период и на крајот да ги добиеме одговорите коишто ќе бидат одговори вистинити и коишто можат понатаму да го одредат текот на настаните коишто ни се случуваат.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close