Спасовски: Македонската полиција повторно на првите борбени редови, овојпат со огнената стихија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во објава на Фејсбук упати благодарност до полицијата за ангажманот во справувањето со пожарите.

-Старата мудрост вели дека на маката се познаваат јунаците. Имајќи ги предвид изминативе два дена можам со чисто срце да кажам дека сум горд на македонската полиција. Таа беше повторно на првите борбени редови, овојпат со огнената стихија, заедно со нашите пожарникари, армијата, шумската полиција, нашите граѓани. Би сакал да изразам посебна благодарност до сите нив, без разлика дали се дел од полициските патроли, од специјалните полициски сили, од граничната полиција, независно од која полициска станица притрчаа на помош, покажувајќи силна солидарност со колегите и со граѓаните … сите беа на висината на задачата!, напиша Спасовски.

Тој посочува дека благодарение на нивната професионалност, изградените вештини, смиреноста и пожртвуваноста  успеваат ситуацијата да ја стават под контрола.

-Им благодарам затоа што по којзнае кој пат ја ставија безбедноста и благосостојбата на другите пред сопствените, што покажаа што значи во пракса да се биде во служба на граѓаните, затоа што уште еднаш на дело покажаа дека БЕЗБЕДНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ Е ЗАЕДНИЧКИ ПРИОРИТЕТ!, истакна Спасовски.

Back to top button
Close