Спасовски: Можно е повторно враќање на рестриктивните мерки ако продолжи рапидно да расте бројот на заразени

Можно е повторно враќање на рестриктивните мерки ако продолжи рапидно да расте бројот на заразени од ковид-19 по денешниот биланс од 52 заболени, предупреди премиерот Оливер Спасовски. Тој кажа дека овие бројки доаѓаат од рестриктивниот период, но денеска повторно ќе се разговара и ќе се проценува дали повторно ќе биде продолжена вонредната состојба во државата.

„Знаевме дека по укинувањето на рестрикциите ќе има одредени поместувања на бројките, но донесени се протоколи и за функционирање на угостителските објекти и за останати институции, и останува на граѓаните да ги почитуваат. Сведоци сме дека вчера ниту угостителските објекти не почитуваа дел од протоколите, но и граѓаните. Бројките на новоинфицирани случаи се аларм и апел да се почитуваат сите мерки и протоколи, но доколку продолжи оваа тенденција не се исклучува и повторно враќање на рестриктивните мерки – изјави премиерот Оливер Спасовски.
Во однос на датумот за одржување на изборите што го спомена вицепремиерот Бујар Османи, 5 јули, Спасовски рече дека лицитацијата со датуми не му оди во прилог никому бидејќи, според него, врвен приоритет се здравјето и животот на граѓаните.

Back to top button
Close