Спасовски на средба со деканот и професорите од Факултетот за безбедност

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски и професорите од Факултетот кои работеа на проектот „Функционирањето на безбедносниот систем во услови на вонредна и кризна состојба – студија на случај“ на денешната средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги презентираа најзначајните сегменти од овој истражувачки извештај.

Како што соопшти МВР, истражувачкиот тим од Факултетот за безбедност од март до декември минатата година работел на следење на активностите на безбедносните институции околу справување со последиците од пандемијата со коронавирусот.

Целта на проектот е анализа на целокупниот безбедносен систем, подготвеноста за одговор со новонастаната состојба, соработката која ја остваруваат институциите и врз основа на научните сознанија и анализи, да се дадат предлози за подобрување на функционалноста со цел подобар одговор на ваква или слична состојба во наредиот период.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека професорите на средбата со Спасовски ја потенцираа потребата државата да води сметка за менталното здравје на граѓаните особено во вонредна и кризна состојба, како и за превенција на стресот.

Министерот Спасовски ја истакна клучната улога на Министерството за внатрешни работи во справувањето со Ковид 19 и го потенцира значењето на научните резултати и споделените искуства, кои ќе придонесат за креирање на квалитетни политики за развој на безбедносниот систем, кој меѓу другото ќе биде подготвен и за одговор на овие нови предизвици.

Професорите од Факултетот за безбедност ги презентираа најзначајните сегменти од овој извештај, со особен осврт на функционирањето на Министерството за внатрешни работи и полицијата, при тоа, како што се наведува во соопштението на МВР, искажаа огромна благодарност до министерот Спасовски, за големата поддршка и придонес во изработката на овој проект.

Back to top button
Close