Спасовски: На вработените во МВР ќе им биде исплатена заостаната бонус плата за 2017 и 2018 година

Исплата на бонус плата за вработените во МВР за три години најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешниот онлајн состанок со претставници на Македонскиот полициски синдикат, предводени од претседателот Марјан Кицев.

– Откако во претходниот мандат на министерот Спасовски беа обезбедени средства за исплата на бонус плата за 2019 година и таа, за прв пат беше исплатена во МВР, сега се обезбедени средства за исплата на бонус плата за 2020 година, но и за 2017 и 2018 година, соопштуваат од МВР.

Посочуваат дека бонус платата за 2017 година ќе биде исплатена во декември оваа година, а бонус платата за 2018 и 2020 година во текот на наредната година.

Оттаму велат дека на тој начин и вработените ги добиваат парите кои им следуваат согласно колективниот договор, а и Министерството нема да се изложува на непотребни судски трошоци по тужбите на вработените.

Претставниците на Македонскиот полициски синдикат ја поздравиле оваа одлука и презедоа обврска да ги информираат вработените во МВР дека овој проблем е надминат и дека повеќе нема овие средства да се бараат преку суд туку ќе бидат исплатени од работодавачот.

Back to top button
Close