Спасовски, Наумовска и Димитриевски на увид во изградбата на нова спортска сала во Куманово

– Никогаш во Куманово не се градело толку и не се водело грижа за младите и за граѓаните како во последните три години. Спортската сала, Соколана и Стадионот се вратени во владение на општината и истите ќе се реконструираат, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски кој изврши увид во работите на спортската сала до училиштето „Наце Буѓони“ во Куманово.

Увид во изградбата на оваа сала извршија и заменик министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Изградбата на салата е завршена, останува да се доуреди внатрешниот простор која ќе ја користат околу 2.000 ученици од „Наце Буѓони“ кои следат настава на македонски и албански настевн јазик. По неколку децении, тие сега ќе имаат простор за квалитетно одвивање на наставата по физичко и здравствено образование.

Спортската сала се гради со средства обезбедени преку Владата во вредност од 27 милиони денари, а општина Куманово учествува со 1,5 милиони денари.

На ниво на државата, како што изјави Спасовски, завршена е изградбата и рехабилитација на повеќе од 13 основни и средни училишта, во вредност од речиси 70 милиони денари, а во тек е рехабилитацијата на уште осум основни и средни училишта во вредност од близу 12 милиони денари.

Во Куманово пак, ова е трета спортска сала која се гради по двете во основното училиште „Јероним Де Рада“ и во средното „Перо Наков“ каде наставата се изведува на албански наставен јазик.

– Куманово во времето на режимот беше целосно запоставено и воопшто не постоеше на агендата за проекти од страна на тогашната режимска власт. Така беше и во делот на инвестициите во капиталните проекти во образованието. Оваа Влада ја направи видлива разликата и на овој план и на ниво на целата држава. Оваа Влада, предводена од СДСМ и коалицијата, инвестираше во изградба и реновирање на 25 спортски сали на територијата на целата држава. Од нив две третини се веќе завршени и функционални-изјави Спасовски.

Салата, чија што изградба се очекува да заврши до септември ќе биде опремена со реквизити и ќе се користи за кошарка, ракомет, фудбал, одбојка.

– Никогаш во Куманово не се градело толку и не се водело грижа за младите и за граѓаните како во последните три години, рече Спасовски, истакнувајќи дека вратени се во владение на општината, Спортската сала, Соколана и стадионот, кои ќе се реконструираат. Во инфраструктурата, додаде премиерот, вложено е во скоро сите регионални патни правци во североисточниот регион, вкупно одвоени се 12,3 милиони денари за осум патни правци во должина од 102 километри.

Вложувањата нема да запрат ниту во оваа здравствена криза, додава Спасовски. Тој нагласи дека се води грижа за сите граѓани, вклучително и за кумановци и како пример ја наведе грижата за стечајците од кои поголем дел се токму од општината за кои Владата обезбеди месечен надоместок, а наскоро и платежна картичка.

Димитриевски се заблагодари за инвестицијата и рече дека на Куманово му се потребни дополнителни инвестиции.

– Училиштето по 60 години добива спортска сала. На Куманово му се потребни капитални инвестиции, убеден сум дека е поминато времето на неинвестирање во овој регион, рече Димитриевски.

Училиштето продуцира висококавлификуван кадар електротехника, механиката, медицината, за потребите на стопанството. Инаку, во близина на спортската сала има и атлетски полигон и неколку спортски игралишта.

Back to top button
Close