Спасовски од Куманово: Одлука да продолжиме по правиот пат значи сигурност за граѓаните

 Носителот на листата од Изборната единица 2, од СДСМ, Оливер Спасовски во денешната изјава пред медиумите во Куманово апелираше да се води безбедна кампања од здравствен аспект и фер и демократска кампања за фер и демократски избори.

Тој им порача на граѓаните дека ќе продолжат по патот кој веќе е избран, кој носи сигурна иднина, ја покажува грижата за сите, обезбедува брз раст на плати, брз рестарт и трансформација на економијата. Спасовски истакна дека ќе се продолжи со  вложувањата во јавното здравство и справувањето со предизвиците што ги носи коронавирусот, вложувањата во чиста животна средина, но и прочистување на  правосудството од како што истакна, корумпираните судии и обвинители.

Поставени се основите за правна држава, додаде Спасовски, за да се осигураат и европските интеграции – по НАТО членството, потребно е да се продолжи по патот што заедно е избран.  

-Одлуката да продолжиме по правиот пат значи докажано, сигурност за граѓаните и државата и не за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои докажано, се опасност за државата и граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицковски продолжува со неодговорното однесување, тие лажат, шират паника, злоупотребуваат институции за партиски цели, рече Спасовски.

Тој додава дека продолжувањето по правиот пат, значи никогаш повеќе режим, кражба на народните пари за полнење џебови на поединци, поделби на народот, мрачни времиња во коишто се гази врз достоиството на луѓето, меѓународна изолација, опасно рушење на здравствениот систем.

– Ние го подготвивме здравствениот систем да се справи со предизвиците од коронавирусот, во услови на светска здравствено-економска криза ги спасивме граѓаните и државата од најцрните сценарија, се погриживме да се сочува секое можно работно место, секој можен бизнис, никој да не остане без егзистенција и како во времето кога решававме стратешки прашања и успеавме да ја покренеме економијата, продолжуваме со решенија и иницијативи. На прав пат сме и можеме уште повеќе и уште подобро, рече Спасовски.

Куманово додаде тој, секогаш било предводик на нови победи, тоа го потврдува историјата и во изборните пресврти и така ќе биде и на овие избори.

Back to top button
Close