Спасовски од Куманово: Во наредниот четиригодишен мандат – економско унапредување на државата

Носителот во ИЕ2 од СДСМ, Оливер Спасовски денеска оствари средби со граѓани од Куманово и населените места, на кои истакна дека последниве три години решени се најтешките прашања, земјата влезе во НАТО, почнуваат преговорите со СДСМ. Осврнувајќи се на економијата, тој истакна дека е решено прашањето на стечајците кои примаат месечен надоместок од 8.000 денари, зголемена е просечната плата од   22.300 на 27.500, минималната плата  од 9.000 на 14.500, социјалната помош е зголемена за 300 проценти, зголемена е платата во повеќе сектори во неколку наврати.

– Можевме и ние да правиме само кампањи и гола пропаганда како режимот, но од тоа не се живее подобро, а и ќе немавме време да сработиме се што е сработено, рече Спасовски.

Проектот враќање на парите кај граѓаните, нагласи, секојдневно дава резултати и по многу основи парите се слеваат повторно кај граѓаните. Тој рече дека противниците се смееле на повратот на ДДВ, а сега сите граѓани скенираат и го надополнуваат буџетот, а најави и зголемување на месечниот лимит од 600 на 800 денари.

– СДСМ три години во континуитет покажува што значи вистинска грижа за сите граѓани подеднакво.  ВМРО-ДПМНЕ во континуитет покажува грижа само за Груевски и неговите криминални соработници, рече Спасовски.

Тој за новиот четиригодишен мандат вети дека ќе биде целосно посветен на економско унапредување на државата, мандат на сигурност и просперитет. Тој најави  минимална плата до 20.000 денари, просечна плата до 34.000 денари до крајот на мандатот, 600 милиони евра поддршка на домашните и странските претпријатија, 1 милијарда евра странски инвестиции, што ќе го зголеми животниот стандард. Спасовски најави натамошна грижа за здравјето на граѓаните и за нивната егзистенција дома и на работните места, како и поддршка на бизнисите и економијата во услови на светската здравствена криза.

– Затоа на 15 јули излезете на гласање и гласајте за СДСМ и за сигурност. Не смееме да си дозволиме Влада на ВМРО-ДПМНЕ којашто носи опасност, порача Спасовски од средбите со граѓаните во Куманово, изразувајќи уверување дека граѓаните ќе изберат да продолжат да живеат во фер, праведно и правично општество и дека обнова на режимот нема да има.

Back to top button
Close