Спасовски повика на одговорно однесување, без обиди за насилство и креирање тензии

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска преку „Фејсбук“ апелира на одговорно однесување и на мирен и достоинствен протест.

– Почитувани граѓани, доколку сакате да го изразите своето демократско право на јавен собир (протест) апелирам истото да го сторите на достоинствен и мирен протест. Притоа, полициските службеници ќе бидат на должност исклучиво за обезбедување на граѓаните и на виталните државни објекти, а со цел избегнување на немили настани. Уште еднаш, повикувам на одговорно однесување во клучен момент за демократијата. Без обиди за насилство, без креирање тензии и без говор на омраза напиша Спасовски на неговиот фејсбук профил.

Очекувам, напиша Спасовски, редот и поредокот да бидат максимално испочитувани, во духот на европските вредности кои сакаме да ги интегрираме во нашето општество и кои претставуваат двигател за напредок за сите граѓани.

– Бидете уверени, ова раководоство на Министерството за внатрешни работи и македонската полиција остануваат посветени на гарантирањето на демократските процеси и на одржувањето на редот, мирот и стабилноста, напиша министерот Спасовски на „Фејсбук“.

Back to top button
Close