Спасовски: СДСМ повторно, во редовна постапка, го поднесува Предлог законот за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата повторно го поднесува Предлог-законот за поддршка на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани, но овој пат по редовна постапка, затоа што сакаме да испратиме јасна порака дека ова не е политички, туку е човечки закон, истакна пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски на денешната прес – конференција во Собранието.

– Овој закон не смее да биде предмет на дневно-политички калкулации и треба да биде предмет на општествена совест, морална обврска и праведна грижа кон оние што најмногу страдаа. Законот предвидува конкретна поддршка, финансиска, здравствена, образовна, социјална за настраданите лица, за членовите на нивните семејства. Претходно го поднесовме во скратена постапка и не доби поддршка од мнозинството во Парламентот. Ги слушнавме забелешките на парламентарното мнозинство дека треба да има поголема прецизност, дека треба подобра проценка на фискалните импликации, дека се потребни одредени технички корекции на законското решение. Токму во ова законско решение ги опфативме сите тие забелешки коишто беа досега дадени, а имаме и втора можност во редовната постапка да се дебатира законот, да се поправи, да се доуреди доколку за тоа има потреба во амандманската работа. Овој предлог-закон предвидува за семејствата на починатите да им се даде надомест од 80.000 евра, додека пак сите оние кои што се со повреди, зависно од степенот на инвалидитетот, да се одреди сумата којашто треба да ја добијат. Во суштина се олеснува пристапот до институциите за здравствена, социјална, психолошка и секаква друга поддршка којашто ќе им треба, истакна Спасовски.

Според Спасовски, со повторното поднесување на Предлог-законот целта е да не се губи време преку системот, туку на консолидиран начин да им се помогне на семејствата и да се покаже солидарност.

– Не можеме да го прифатиме одложувањето и игнорирањето на овој проблем, затоа што неколку месеци по несреќата не можат луѓето да чекаат без поддршка, ниту пак родителите, затоа што е важно институционалната поддршка да биде на едно соодветно ниво. Повредените лица не се само статистика, тоа се пред сѐ млади луѓе, ученици, тоа се семејства чисто животе во прекин и нивната борба за закрепнување треба да биде борба на сите на сите нас, додаде Спасовски.

Спасовски ги повика сите пратеници во Собранието, без разлика дали се од партии на парламентарното мнозинство или од парламентарната опозиција да покажат зрелост дека не се работи за натпревар помеѓу партиите, туку дека е испит за емпатија и за хуманост.

Back to top button
Close