Спасовски: Секој кој го загрозува животот и здравјето на граѓаните ќе сноси одговорност

Полицијата презема мерки со факти во секое населено место, во секој град и општина во државата, секаде каде не се почитуваат мерките за заштита од ширење на вирусот Ковид-19. Секој кој го загрозува здравјето и животот на граѓаните, ќе мора да сноси одговорност. Кој сака нека е, од која политичка партија нека, дали е Македонец, Албанец, Турчин, Србин…, рече попладнево министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на претеничкото прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Спасовски информираше дека во јануари годинава, во однос на спречување на ширење на Ковид-19 во изолација биле 9.606 лица. Од страна на полициските службеници се извршени 67 662 контроли. Тоа се за лица кои биле во изолација или самоизолација и утврдено е дека 13 лица не ја почитувале мерката за изолација, самоизолација.

Исто така, како што рече, заради непочитување на мерките за изолација и самоизолација се поднесени 12 кривични пријави, пријавени се 17 сторители.

– Извршени се контроли на 3.392 угостителски објекти при што е констатирано дека 27 објекти не ги почитувале мерките. Исто така вршени се контроли на територија на целата држава. И во однос на прекршоците за неносење на лична заштита на лицата регистрирани се 9 261 прекршок, посочи министерот.

Тој даде и признание на најголемиот број на граѓани, односно, како што рече, огромен процент кој ги почитува мерките и се грижи за здравјето на животот на граѓаните.

– И во Вевчани тие што не ги почитуваа мерките имаат одговорност. И во институциите тие кои што не ги почитуваат мерките имаат одговорност, дали се тоа прекршочни, дали се кривични пријави. Ако ги погледнете извештаите, билтенот на МВР, секојдневно ќе видите дека извршени се контроли во Куманово, во угостителски објекти, во Липково, Арачиново, Тетово, Гостивар, Бутел, Струмица итн, рече Спасовски.

Тој посочи дека никогаш нема да биде селективен во однос на казнувањето. Додаде дека биле казнувани лица кои не почитувале одлуки и ќе бидат казнувани и понатаму, а посебно лицата кои го загрозуваат животот на граѓаните на државата.

– Нема отстапување, ќе одиме транспарентно и неселективно во битката против било кој вид на епидемијата, додаде Спасовски.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески на прашање од пратеникот Стојаноски за пожарот што избувна во Трговскиот центар во Струмица, рече дека Обвинителството ги презема сите мерки и активности, соодветни вештачења со цел да се утврди вистината за овој настан.

– На лице место излезе јавен обвинител заедно со стручна екипа и извршија увид на местото на настанот. Целта на увидот беше да се обезбедат докази или траги во врска со конкретниот настан. Јас доколку би си дозволил во овој момент за право дека објектот е дивоградба, дека постоеле два елаборати, хидранти нестандарди, би значело непрофесионално да осатпувам, рече Јовески.

Напомена дека Обвинителството ги утврдува сите докази и определени факти и докази ќе се докажат со вештачење од стручни лица.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов процедурално побара продолжување на собраниската седница за пратенички прашања со цел и тој како претставник на опозиција да може да постави прашање. Но, барањето не беше прифатено. Седницата заврши во 19 часот

Back to top button
Close