Спасовски: Северна Македонија е најадекватен пример во регионот за ефикасна меѓународна соработка во миграциите


„Зајакнување на миграцијата, азилот и управувањето со границите” е темата на втората панел сесија во рамки на првиот ден од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан што се одржува во Тирана, на кој учествуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Министрите учесници на овој форум, покрај проценката на ситуацијата долж Западнобалканската рута, дискутирале и за потребата од брзо усогласување на визната политика, напорите за зајакнување на капацитетот за управување со границите, подобрување на условите за прием и зајакнување на системите за азил, како и можностите за подобрување на соработката во борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе и зголемување на враќањето/реадмисијата на нерегуларните мигранти во земјите на потекло.

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на сесијата изразила задоволство од неодамна потпишаниот Договор меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија. Министерот за внатрешни работи на Чешката Република, пак, во улога на земја претседавач со Советот на ЕУ, Вит Ракушан, упатил пофалби кон министерот Спасовски во однос на ефикасноста со која Република Северна Македонија го завршила преговарањето на договорот со Фронтекс и го финализираше и процесот на потпишување.

Од МВР додаваат дека Спасовски, осврнувајќи се на значењето од Договорот со ФРОНТЕКС, потпишан помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, ги претставил и состојбите со миграцијата во регионот.

-Во текот на 2022 година, илегалната миграција е актуелна закана со која се справуваат земјите во регионот и пошироко. Како и претходните години, Турција и Грција се земји на чии територии се стационирани голем број на мигранти. Способноста и капацитетот на Турција да управува со своите граници игра важна улога и за Источно-медитеранската и за Западно- балканската рута, бидејќи таа и понатаму е клучна земја која влијае на миграцијата низ Западен Балкан, како земја со голем број мигранти и клучна транзитна област помеѓу Јужна/Средна Азија и Европа. Аналитичките согледувања укажуваат дека миграцискиот притисок во регионот на Западен Балкан во текот на 2022 година е зголемен, особено на северните граници во регионот со Србија и во Австрија. Во Република Северна Македонија, спречени се 22.806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани, подвлекол Спасовски.
Притоа нотирал дека споредено со минатата година обидите бележат пораст, но не и во однос на претходните години.

Според министерот Спасовски, активностите што се преземени за спречување на криминалните активности поврзани со криумчарењето на мигранти резултирале со откриени 89 случаи на криумчарење на 1.328 мигранти. Ваквиот резултат, како што рекол, бележи пораст од 97,7 отсто во откриените случаи, односно зголемување за повеќе од два и пол пати во однос на периодот од јули до октомври 2022 година.
Притоа, потенцирал дека еден од главните предуслови за ефикасно гранично управување со границите и миграциите е ефикасната меѓународна соработка, за што, како што нагласил, Република Северна Македонија претставува најадекватен пример во регионот со заедничката меѓународна операција на јужната граница со помош на ИОМ, која од 2016 е поддржана и од Европската Комисија.

Меѓу главните приоритети, според Спасовски, е одржување и продлабочување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и потекло, со агенциите на ЕУ и ОН, како и релевантни меѓународни организации, а МВР активно учествува во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси, како што се Салцбуршки, Будимпештански, Прашки процес, Заедничка координативна платформа, DCAF Програма за гранична безбедност итн.

-Клучот за успехот е добрата соработка, редовната комуникација, координацијата и размената на искуства со другите колеги од земјите од Западен Балкан и релевантните партнери од ЕУ во областа на враќање и реадмисија. За таа цел, нашиот план е во наредниот период да бидат иницирани договори за реадмисија со други земји на потекло во Азија и Африка, но и да се реафирмираат постојните иницијативи за склучување договори. Тука останува и соработката со нашите партнери – Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ИЦМПД), како и други партнерски организации, посочил Спасовски.

На првиот ден од министерскиот форум, посветен на областа Внатрешни работи, покрај министрите за внатрешни работи од Западен Балкан, учествувале и министерот за внатрешни работи на Чешката Република, како земја-претседавач со Советот на ЕУ, заедно со Европската комисија, претставена од еврокомесарот за внатрешни работи, како и претставници на претстојното шведско и шпанско претседателство со Советот на ЕУ, кои ги претставија приоритетите за време на претседавањето. с

Back to top button
Close