Спасовски: Стаса и долгоочекуваниот глас на вистината по кој копнееше секој еден верник на нашата црква, ова е голема радост за македонскиот народ

На овој велик ден кога ја чествуваме и Педесетница, слегувањето на Светиот дух на апостолите на педесеттиот ден од Неговото воскреснување, стаса и долгоочекуваниот глас на вистината по кој копнееше секој еден верник на нашата древна црква, Охридската Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската Православна Црква, пишува на Фејсбук, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој е дел од владината делегација во Истанбул на Патријаршиска и синодална литургија во Соборниот храм „Св. Георгиј”.

Опишувајќи го како историски настан со којшто се исправа долгата неправда врз македонската Црква, Спасовски вели дека официјално востановено е канонско единство и враќање на МПЦ-ОА меѓу православните цркви.

– Дозволете да го искажам впечатокот од настан којшто се повторува после два и пол века, кога за последен пат сослужувале литургија Македонски Архиепископ и Вселенски Патријарх. Со голем пиетет присуствував на Патријаршиската и Синодална Света Литургија и В. Вечерна на Светиот Дух, заедничко сослужување на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и на прием во Престолната сала во Патријаршискиот храм „Св. Ѓорѓија Победоносец”, во древниот Фанар, пишува министерот.

Тој се заблагодари до Неговата Сесветост Патријархот Вартоломеј, за честа и милоста со која го удостои македонскиот народ преку врачувањето на Синодалниот акт за востановувањето на литургиското општење со Великата Христова Црква и се заблагодари до братољубивата расположба на СПЦ за единството и евхаристичкото зближување преку заемната почит.

– Ова е голема радост за македонскиот народ, за сите православни верници кои со своите молитви, жртва и надеж, придонесоа за враќањето на христоносниот народ во Мајката Црква, за прогласувањето на МПЦ-ОА за канонска и валидна во сеправославниот свет. Исконската љубов на верниот македонски народ е нераскинлив дел од македонскиот идентитет – живот раѓа низ вековите што одминале, ќе живее за навек, порача министерот Спасовски.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close