Спасовски за германски весник: Конфликтот меѓу Србија и Косово негативно влијае врз безбедноста во регионот
Актуелниот конфликт меѓу Србија и Косово има негативно влијание врз безбедносната ситуација во регионот, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за германскиот дневен весник „Ноје оснабрикер цајтунг“ (Neue Osnabrücker Zeitung) на прашањето како ги оценува тензиите меѓу Србија и Косово и дали се плаши од нова балканска војна.
„Актуелниот конфликт меѓу Србија и Косово има негативно влијание врз безбедносната ситуација во регионот. Мора да се направат сите дипломатски напори за да се најде решение. Само ако ова успее, можеме да се концентрираме на развојот на регионот. Затоа, особено балканските земји, мора да водат кампања за ова“ посочил министерот Спасовски.
Спасовски во интервјуто на германскиот весник се осврнал на неколку теми кои ја засегаат земјата, но и земјите од Европската Унија.
Така, на прашањето како Северна Македонија се справува со тоа што е главна транзитна земја за бегалците кои сакаат да влезат во ЕУ преку Балканот, Спасовски вели дека Северна Македонија се наоѓа на многу посебна географска положба.
„Мигрантите патуваат од Грција, ЕУ-држава, низ земја која не е членка на ЕУ, а потоа повторно влегуваат во ЕУ. Ова е предизвик за Северна Македонија и за Европската Унија. Затоа, логично е да соработуваме со ЕУ на во врска со границите. Патем, ова не е ништо ново за нас. Седум години соработуваме со земјите од ЕУ за управување со границите. Распоредувањето на Фронтекс е логичен развој на оваа соработка“објаснува Спасовски.
Според него, годинава биле спречени 10 455 обиди за илегални преминувања на границите, од кои најголем дел на јужната граница со Грција.
„Годинава бележиме тренд на намалување за речиси 50 отсто на обидите за илегални преминувања во однос на минатата година“ истакнал министерот за внатрешни работи.
Спасовски на прашањето за моменталната состојба со илегалната миграција, одговори дека денес бројките се многу помали, но Северна Македонија останува важна земја на транзит кон земјите-членки на ЕУ.
„Моменталната состојба на нашите граници не е споредлива со ситуацијата во 2015/16 година. Во тој период, повеќе од милион луѓе патуваа преку Балканската рута кон Европската унија. Во Северна Македонија, тогаш дневно регистриравме од 10 000 до 12 000 преминувања на границите. Денес, бројките се многу помали, но Северна Македонија останува важна земја на транзит кон земјите-членки на ЕУ“изјавил Спасовски.
Спасовски во интервјуто е дециден по однос на прашањето дали може да се замисли центар за азил на ЕУ на македонска територија.
„Нашиот став е многу јасен: во Северна Македонија не се спроведуваат процедури за азил за другите земји на ЕУ и тоа нема да се промени. Ако Северна Македонија стане дел од Европската Унија, тоа би можело да се промени. Сè додека тоа не е случај, таквите центри остануваат исклучени“истакнал министерот.
Според Спасовски, поголем број од мигрантите доаѓаат од Мароко, Пакистан и Авганистан.
„Професионални шверцери носат луѓе преку граница. Во Северна Македонија во првите осум месеци откривме 74 обиди за криумчарење на 734 мигранти. Доследно водиме шверц и поведовме постапки против 68 лица за криумчарење во првите осум месеци“ заклучил Спасовски во интервјуто.