Спасовски за Конгресот: Јакнењето на СДСМ ќе значи враќање на довербата кај граѓаните, а ќе биде добро и за јакнењето на државата!

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостување на „Клик Плус“ на ТВ21 зборуваше за значењето на конгресот на партијата закажан за 24 јануари, изборниот резултат и идниот правец на СДСМ.

Спасовски посочи дека е член на Социјал-демократскиот сојуз повеќе од 30 години и дека идеологијата и вредностите на партијата се основа на неговото лично и партиско функционирање. Тој истакна дека консолидацијата и јакнењето на СДСМ ќе значат враќање на довербата кај граѓаните, а со тоа и зајакнување на државата. „Факт е дека секогаш кога СДСМ била слаба, се случувале ретроградни процеси во државата“, рече Спасовски.

На конгресот, како што објасни тој, прво ќе се анализира изборниот резултат за да се согледаат слабостите – дали тие се во политичката платформа, кадровскиот потенцијал или организационата структура на партијата. Спасовски истакна дека искрена анализа е предуслов за наоѓање решение и за јакнење на СДСМ.

„Единството во партијата е клуч не само за СДСМ, туку за секоја политичка партија. Мора да се дојде до можни решенија преку дебата, да се зајакне организациски, да се постави нова политичка платформа и да се изгради коалиционен капацитет“, рече Спасовски.

Тој додаде дека СДСМ не смее да се откаже од своите кадри, ниту од оние кои ја основале партијата и поставиле темелите на државата. „Тие се луѓето кои треба да дадат свој придонес за јаката партија и иднината на Македонија“, нагласи Спасовски

Back to top button
Close