Спасувачка акција: Камен паднал врз главата на жена во пештера во Словенија

Во сè уште неистражена пештера во Церкница во Словенија, тешко е повредена жена спелеолог, а во тек е спасувачка акција.

Претставникот на спасувачката служба на Спелеолошкото здружение на Словенија, Валтер Закрајшек изјави дека несреќата се случила во саботата околу 18.30 часот на длабочина од околу 100 метри, кога голем камен ѝ паднал на главата на жената.

Со неа имало уште петмина спелеолози, кои не се повредени, јавува РТВ Словенија. Четворица од нив останале кај повредената жена, а еден излегол од пештерата и ја пријавил несреќата.

На лице место се 50 спелеолози, лекари, пожарникари и припадници на полицијата, а во пештерата влегла и медицинска сестра која ја има потребната медицинска опрема.

Спасувачите претпоставуваат дека спасувањето ќе трае подолго, бидејќи се работи за неистражена пештера, а повредената жена е на длабочина од околу 100 метри.

Back to top button
Close