Спасувачка акција за пронаоѓање турист во близина на грчкиот остров Сими
Од доцна синоќа во тек е спасувачка акција на крајбрежната служба на Грција по море, копно и од воздух, за пронаоѓање на исчезнат странски државјанин, кој заедно со уште седум лица, кои се спасени, биле на едрилица, што била пронајдена како плови без контрола во морскиот дел во близина на грчкиот остров Сими, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека синоќа, откако едрилицата била забележана како неконтролирано плови, започнала операција за пронаоѓање и спасување со патролни бродови, брод за пловидба за отворено море и хеликоптер Супер Пума и првично се трагало по вкупно осум странски државјани.
Во спасувачката акција биле пронајдени седум од осумте лица, односно двајца успеале сами да допливаат до брегот, еден бил пронајден на брегот од рибарски чамец, а уште четворица биле лоцирани на блискиот брег од патролен чамец на крајбрежната служба.
– Потрагата продолжува во поширокиот морски и копнен регион под координација на Единствениот центар за координација за пребарување и спасување, со вклучени еден патролен брод за пловидба на отворено море, еден патролен чамец на грчката крајбрежна служба и еден авион на грчката крајбрежна служба за пронаоѓање на последниот исчезнат странски државјанин, пишува во соопштението.
Според неофицијалните информации во Грција, станува збор за група германски туристи, четворица мажи и четири жени кои изнајмиле едрилица.





