Специјална комисија ќе го испитува случајот со бегалецот Рамадани
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека прашањето, кое сериозно треба да се разгледа во овој случај е зошто е одлучено Рамадани да биде во домашен притвор и додаде дека токму поради ваквите случувања во правосудството довербата во него е мошне мала. Опозициската СДСМ, пак, одговорноста ја бара кај МВР и министерот Панче Тошковски и смета дека тие „несмасно спинуваат дека судот е крив“.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, вчера на почетокот на 495-та седница, изјави дека формално за ништо од овој случај не е известена, но дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.
-Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало. Виновен е Судот, не е виновен и да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата, изјави Дамева.
Комисијата е во состав од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.
Министерот за правда Игор Филков, пак, смета дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити кој мерката „притвор“ за Рамадани ја преиначил во „домашен притвор“, е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Тој смета и дека Судскиот совет требал веднаш да го отвори прашањето за случајот со Рамадани.