Специјалниот пратеник на Кремљ, Кирил Дмитриев, на разговори со Стив Виткоф во Мајами

Специјалниот пратеник на Кремљ за економски прашања Кирил Дмитриев денеска изјави дека се наоѓа во САД, два дена откако Вашингтон објави воведување нови санкции врз Русија за енергетика.

„Пристигнав во САД за да го продолжам дијалогот меѓу САД и Русија – посета планирана одамна на покана на американската страна“, напиша Дмитиев на мрежата X.

Би-Би-Си објави дека Дмитриев ќе се сретне со претставникот на Трамп, Стив Виткоф, во Мајами, и дека средбата била планирана неколку недели пред објавувањето на санкциите од страна на Трамп против руските нафтени и гасни компании.

Посетата доаѓа во време кога американските лидери повторно изразија фрустрација од Русија и нејзиното одбивање да испланира примирје во војната против Украина, почнувајќи од 2022 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп пред три дена ја одложи на неодредено време средбата што самиот претходно ја најави со претседателот Владимир Путин, велејќи дека не сака да разговара „за ништо“.

Пратеникот на Кремљ денеска изјави дека ќе им го пренесе ставот на Москва за војната во Украина на членовите на американската администрација, објавија руските агенции.

„За жал, Украина го спречува потребниот дијалог и тоа го прави на барање на Британците, на барање на Европејците кои сакаат конфликтот да продолжи“, рече Дмитриев.

Русија редовно ги отфрла предлозите за примирје што не се според нејзините услови, односно да бара Украина да ѝ предаде територии.

Коментирајќи ги најновите американски санкции, Дмитриев, поранешен банкар на „Голдман Сакс“, кој студирал на Универзитетот Стенфорд во САД, рече дека овие санкции ќе се свртат против САД со зголемување на цената на горивото за американските потрошувачи.

„Сè уште постои потенцијал за соработка со Русија, но само ако интересите на Русија се третираат со почит“, рече тој.

Во најновите санкции, САД ги погодија руските гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“. Ова се првите сериозни санкции што Трамп ги воведе врз Русија откако се врати на власт.

Back to top button
Close