Специјално превоспитување

И додека Зоран Заев води битка со двете ВМРО-а, едното на Каракачанов во Софија и другото на Мицкоски во Скопје, коалициониот партнер ДУИ си брка работа.

Прво, Артан Груби го пушти муабетот за државно субвенционирање на вработувања во приватни фирми. Крешник Бектеши продолжи да елаборира на истата тема. Па, за да не остане помалку Албанец се јави и Биљал Касами, лидерот на Беса, со уште понационалистичко барање: да има двојазичност и во приватните компании оти дипломираните Албанци не знаеле добро македонски. Биљал Касами од Беса. Ортакот на Заев со кого држеа двојазични прес-конференции во предизборната кампања оти нели, општество за сите. Стварно, каменот одблизу доаѓа.

ДУИ си ја киднапираше националистичката реторика уште од првиот ден на новата Влада на Заев. Секое појавување на министер на ДУИ – плус 1.000 гласа за нив, а 1.000 гласа помалку за СДСМ. Мицкоски неспособен, Заев попустлив, некаде ќе заминат тие гласови. Брзо ќе дојдат локалните избори и пак ќе има пазарење. Што послаба СДСМ, толку поскапа ДУИ.

3 А ова што ДУИ ни го продава како националистичка квота за вработување и по приватните фирми е само уште една ујдурма за цицање на државниот буџет за партиски вработувања. Малку им беше трупање по државни институции со наши пари, сега ќе прејдат на приватни. За државна работа смислија „пропорционална застапеност“, а овој пат на операцијата ѝ имаат смислено помпезно име, нешто поддршка, нешто меѓуетнички односи, нешто толеранција…

Тие за своите политички потреби ќе си ги викаат етнички вработувања, ама во суштина, тие пак ќе бидат партиски.  Штом државата во пазарна економија ти кажува кого да вработиш во фирма, тоа значи дека партиските списоци веќе им се пополнети. За свои пари во својата фирма ќе треба да вработуваш по партиски список, за да имаш пристап до субвенции. Што преведено на говорен јазик значи дека за да имаш пристап до своите пари, од партија ќе ти кажат кого да вработиш.

Џабе Заев ветува едно општетство за сите. Ова кај нас е едно општество за сите партиски членови. Тие што не се во партија нека извинат. Нема партија – нема општество.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.

Back to top button
Close