Спироски: Договорот со „Бехтел-Енка“ е фер и се заснова на физибилити студија на Градежен факултет

Дарко Спироски, првиот човек на „ИРД инженеринг“, односно фирмата која ќе го врши надзорот врз градењето на автопатските делници од коридорите 8 и 10д, вели дека не се точни шпекулациите дека за проектот нема физибилити студија.

-Физибилити студија има, изработена е од страна на Градежниот факултет и врз основа на таа физибилити студија која е и ревидирана од „Грант Тортон“ (сега зборувам во име на инвеститорот), е донесена одлука да се продолжи понатаму со нивото на димензионирање на инфраструктурата, односно градба на автопатите. Значи студијата е основа за да се донесе инвестициска одлука. Во однос на договорот којшто е склучен, има два типа договори – едниот е црвен ФИДИК, а другиот е жолт ФИДИК, појаснува Спироски во интервју за „Независен“.

Говорејќи за разликата меѓу овие два типа договори, тој вели дека во жолтиот ФИДИК, проектирањето му е дадено на изведувачот.

Значи, изведувачот проектира и гради. Пишува „комишнс оф контракт фон плеин дизајн анд билд“ (Commissions of contract for plain design and build). И во тој случај се договара за „ламп сам“, (Lump sum) односно се пазари „од ѓутуре“. Јас сакам пат, на пример Велес – Прилеп, и се нуди на тендер. Изведувачот дава цена која е фиксна, на пример вели дека тој пат ќе го направи за 150 милиони евра. Меѓутоа, нема проект, и затоа што нема проект, во жолтиот ФИДИК, јас работев кај изведувач и знам како се доставува понудата, изведувачите ставаат повисоки цени, затоа што не се сигурни затоа што нема проект. Односно, кога е жолт ФИДИК цените се повисоки околу 20 отсто, изведувачот ги става за да ги амортизира ризиците, затоа што нема проект. И тоа е нормално. Така што, кога станува збор за договори жолт ФИДИК најчесто се добива малку повисока цена од онаа која што нормално, кога би се одело со оној традиционален начин на подготовка на тендер и проект од страна на инвеститорот и распишан тендер, па избор на изведувач, вели Спироски.

Тој додава дека црвениот ФИДИК е многу поблиску до нашиот традиционален систем и работата е поделена на проектант и изведувач.

-Еден проектира, и тој најчесто е ангажиран од инвеститорот и го изработува проектот. Откако ќе се изработи проектот, тој му го дава на инвеститорот и му вели јас го изработив проектот, во тој проект има предмер – пресметка, односно количини и цени, распиши тендер. Се распишува тендер и единствено што изведувачот треба да направи е во таа табела за предмерот да ги стави своите цени, односно има 100 метри кубни асфалт, тој пишува за тие 100 метри кубни цена и се добива одреден резултат, т.е. цена. Во црвениот ФИДИК ризикот за проектот е на инвеститорот, затоа што тој го нарачал и тој го распишал тендерот, а во жолтиот ФИДИК ризикот е на изведувачот. Со тоа што во црвениот ФИДИК се мерени количини, значи тоа што ќе се изработи, тоа што ќе се ископа, тоа што ќе се измери, тоа надзорот го потврдува и тоа се плаќа. Тој се вика „межрд квонтити“ (Measured quantity) или „адмежрмент контракт“ (Add-measurement contract), значи буквално мерење со метро. Се мери колку е ископано, како е ископано и се потврдува на пример еден метар кубен, се зема проба, дали асфалтот задоволува согласно техничките спецификации и ако се исполнети договорните услови се врши плаќање на сработеното, објаснува Спироски.

Тој вели дека договорот со „Бехтел и Енка“, сепак, има некои модификации, но има и еден член на тајност, тоа е членот 1-12, во кој се вели дека не може да се објавуваат податоци без согласност на изведувачот.

-Така што за детали на договорот не можам да дискутирам, меѓутоа генерално на прес-конференциите, а и министерот за транспорт и директорот на јавното претпријатие кажаа – ова е модифициран црвен ФИДИК. Тоа значи изведувањето, односно кога ќе работи изведувачот, ќе бидат мерени количините. Нашата (на ИРД, заб.) работа е да мериме количини на трасата и да го провериме квалитетот на изведените работи. Меѓутоа модификацијата е што во овој модификуван црвен ФИДИК е дека изведувачот и ќе проектира, што е дел од жолтиот ФИДИК, затоа се нарекува „реинбоу“ (виножито) ФИДИК, но многу е поблиску до црвениот ФИДИК, затоа што се мерат количините, кажува Спироски.

 

Според него договорот е фер.

Тоа што ќе се измери, тоа што ќе се изведе, тоа ќе се плати. Нема да се плати ништо надвор од тоа. Значи овие ризици кои што ги ставаат изведувачите околу 20 проценти во жолтиот ФИДИК овде ги нема, затоа што е според мерени количини, заклучува Спироски.

 

Back to top button
Close