Спласнува четвртиот ковид-бран: Близу 40 отсто помалку заразени во последната седмица

Регистрирани сe 3.702 нови позитивни случаи на ковид – 19 во текот на минатата недела, што е намалување од 39,5 проценти во однос на претходната седмица. Процентот на позитивност се движел од 13,1 до 24,2, просечно 18,6 проценти.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 21 до 27 февруари, тестирани се вкупно 19 217 материјали, со намалување од 17,9 отсто во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.975; 53,3%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 394,1/100.000, Скопје – 311,4/100.000 и Гевгелија – 285,3/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група над 60 години (n=951, 25,7%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=194; 5,2%). Во однос на претходната недела, се бележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, а најмногу од 43,6 проценти во возрасната група од 10-19 години и 43,5 отсто кај лицата на возраст од 50-59 години.

Согласно новиот алгоритам, во текот на минатата недела како излекувани се водат 6 094 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 543 реинфекции,од кои една е втора реинфекција, со намалување за 37,2 отсто  во однос на претходната недела.

Пријавени се 68 смртни случаи во 19 градови, за 45,6 отсто помалку во однос на претходната недела. Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 337 лица (23,3 проценти помалку

во споредба со претходна недела), од нив 255 се на кислородна поддршка (14,1 проценти помалку во

споредба со претходна недела), а девет на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (18,2 проценти помалку во споредба со претходна недела).

Заклучно со 28 февруари, вакцинирани се вкупно 870 405 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 849 727 лица, а со трета доза се вакцинирани 142 201 лица.

 

Back to top button
Close