Сплит: Иницијатива за спомен-плоча за загинатиот Македонец Сашко Гешовски, но и жесток отпор од националистите

На 34-годишнината од загинувањето на Македонецот Сашко Гешовски, кој како војник на ЈНА во хрватскиот град Сплит беше убиен во инцидент и протест во 1991 година од страна на гневна вооружена толпа, во Сплит беше претставена иницијатива за поставување спомен-плоча за трагичната смрт на Гешовски, јави „Далматински портал“.

Иницијативата ја покренаа неколкумина активисти предводени од Марко Гај.

– Дојдовме да ја одбележиме невината жртва на Сашко Гешовски со надеж дека новиот Градски совет ќе има повеќе слух и ќе успее да ја одобри спомен-плочата за овој млад човек кој почина ни крив ни должен – изјави Гај за порталот.

Во исто време, во близина се одржуваше и одбележување на годишнината од протестот на кој е убиен Гешовски, 19-годишен регрут на Југословенската народна армија кој во Сплит го служел задолжителниот воен рок. На овој собир, настапија неколкумина членови на организациите на хрватските бранители и националисти, кои остро се спротивставија на поставувањето спомен-плоча за загинатиот македонски тинејџер, поради тоа што бил во „непријателска“ униформа.

„На ова место е испишана историјата. На 6 мај 1991 година, еден Хрват се крена на бунт против агресорот кој нè напаѓаше. И утрово прочитав во медиумите дека некој активист Марко Гај, кој е платен од Пуљак (сплитскиот градоначалник, н.з.) и тоа е гарантирано, повикува на одбележување на смртта на Сашко Гешовски. Морав да седнам од болка и тага. Знам што беше тука, знам што се случи. Тука имаше транспортер, од кој беа испукани истрели над нашите глави. Можете да ги видите дупките во околните згради, било пукано одвнатре. Од другата страна нема ниту еден куршум“, рече ветеранот на хрватските доброволци Ивица Балиќ, кој се зарече дека ќе ја скрши спомен-плочата доколку биде поставена.

Во врска со случајот со смртта на Гешовски, денеска се огласи и македонскиот невропсихијатар, д-р Мице Дудучки, кој ја отфрли „пропагандата на ХДЗ“ и верзиите кои ги пласираат хрватските националисти, дека војникот бил убиен од старешина на тогашната ЈНА. Дудучки на социјалните мрежи напиша дека дента кога загинал војникот од Македонија, бил дежурен во сплитската Воена болница и лично ги видел повредите на Гешовски, кои биле од огнено оружје со калибар 5,56 милиметри, каков што не користеше југословенската армија и кој беше карактеристичен за оружје од западните земји.

Back to top button
Close