Според досегашните искуства по пожарите на атрактивни локации: Градежните зафати во “Расадник” ќе започнат за 2, 6 или 12 месеци?

На 16 август предложивме 3 мерки, од кои прва беше мораториум на градба над 3 ката на подрачјето на цело Скопје, со повик:

“…да се одржат парк-шумите Водно, Гази Баба, но и да се спречи ѕидањето на “Расадник” во Кисела Вода, на “Лисиче” во Аеродром… Дополнете го списокот.”

Поучени од досегашното искуство, а имајќи предвид дека ДУП-от за Расадник веќе предвидува нови колективни висококатници во кои на 2 км од центарот ќе се населат уште минимум 20.000 жители и барем 3.000 возила, вчерашниот пожар е повод за

Повик до општината и Градот да се ревидираат Генералниот урбанистички план на Скопје и Деталниот на Кисела Вода…

…и во овој простор врамен меѓу Цементарницата “Усје”, населбата “11 Октомври”, веќе формираната населба “Расадник” и подножјето на Црниче да се формира парк. Тој ќе го прочистува воздухот и ќе ја намали температурата која во овој дел од Скопје е повисока за 3-4⁰ С од официјалната на “Зајчев рид”.

1. Комуналиите од новите згради во Расадник нема да се доволни за општината во мандатот на Орце Ѓорѓиевски како што и веќе изградените не беа доволни за Општината во мандатот на Џорџе Арсов.

Едноставно, комуналиите не се приход, туку средства за ширење на инфраструктурата потребна за новите објекти (улици, канализација, осветлување).

А инфраструктурата знаеме дека е на “издишување” – паркинзи нема, канализацијата “враќа” се почесто, а атмосферската одамна нема капацитет да ги собере водите по секој посилен дожд.

2. И во “Расадник” и во Кисела Вода и во Скопје тротоарите се зафатени од паркирани возила кои вчера едвај беа спасени од огнената стихија.

Изградбата на (монтажни) катни гаражи по линијата на границата на се уште празниот простор во Расадник е единствено решение пред да се бетонира и пренасели и ова парче земја во Градот.

3. На почетокот на населбата “Расадник” на улицата “Народни херои” се наоѓа истоимената сала. Бидејќи е вон функција, нејзиниот паркинг за сега е доволен за пар згради во околината. Но штом проработи и во неа се одржи настан посетен од 2.000 луѓе, возилата ќе останат на улиците и сообраќајот ќе биде блокиран. Решението со катните гаражи, затоа, не е хир туку неопходност.

Наместо парцијални решенија, потребно е “Народни херои” да продолжи и со мост сервисно да го спои сообраќајот од “Борис Трајковски” и “Народни херои” со Трета македонска бригада” во Аеродром, елиминирајќи го непотребното кружење преку бул. “Србија”.

4. Обидот за промовирање на актуелниот градоначалник на Кисела Вода во наследник на Арсовска е политички легитимен.

Но обидот за пренасочување на бетонизацијата од скопски Центар и Карпош во Кисела Вода започнат со новиот ДУП за овој дел од општината – не е.

Потенцијалот за високоградба промислената и развојна политика на Кисела Вода како дел од Скопје ќе го понуди во “Пинтија”, но не и во поранешен “Охис”, каде загаденоста на почвата е закана за здравјето на секој што би живеел таму во следните 50 години, макар и на стоти кат.

5. Затоа всушност следните локални избори уште од сега се судир на концепти.

ВМРО-ДПМНЕ, знаеме, цели да го бетонира секое парче земја, а примерите на Куманово и скопски Чаир не се охрабрувачки дека нивните коалициони партнери имаат поинаков пристап.

На ова го спротивставуваме концептот на хумано живеење, за што треба да испроектираме и нови населби вон, а блиску до Скопје, по пр. на Општина Илинден. Околу Ѓорче Петров, Сарај, Гази Баба, Бутел… подрачјето на Скопје е широко.

Можеби профитот за градежниците ќе биде помал по парче станбен/деловен објект, но по обем ќе остане најмалку ист, ако не и поголем – без да се уништува квалитетот на животот.

И за крај, бидејќи често и се воодушевуваме на средената Љубљана, зошто да не го примениме словенечкиот модел и да го ограничиме менувањето на жителството кон главниот град? Останатото пазарно ќе се регулира – вклучително и во содејство со даночната политика. Последново секако бара широк политички консензус.

Но некој мора да ја отвори темата.

Ивон Величковски

Back to top button
Close