Споредба на воените капацитети на Индија и Пакистан по ескалацијата на конфликтот во Кашмир

Размената на воздушни и артилериски напади меѓу Индија и Пакистан прерасна во најжестокиот воен судир меѓу двете нуклеарно вооружени држави во последните неколку децении, при што загинаа повеќе цивили од двете страни, објавија светските агенции.

Нападите следуваа по минатомесечниот масакр во индискиот дел на Кашмир, каде што беа убиени 25 туристи и еден локален жител. Индија ја припиша одговорноста на милитанти од пакистанската страна на границата, што Исламабад остро го демантираше.

Индија и Пакистан претендираат за контрола врз Кашмир, при што секоја држава управува со дел од оваа спорна територија. Иако двете земји, откако станаа нуклеарни сили пред 25 години, неколкупати влегоа во конфликти, досега успеваа да избегнат целосна војна. Оваа воздржаност главно се припишува на дипломатскиот притисок од САД и на неволноста на Кина, како клучен сојузник на Пакистан, да дозволи ескалација. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека не е сигурно дали овие механизми за контрола ќе функционираат и сега.

Според Правин Сони, поранешен офицер на индиската армија и аналитичар за одбрана, американскиот претседател Доналд Трамп „јасно ставил до знаење“ дека Индија и Пакистан треба сами да ги решат своите несогласувања.

Индиските власти соопштија дека извршиле воздушни напади врз девет „терористички кампови“ во делот на Кашмир под контрола на Пакистан, како и врз неколку цели подлабоко во пакистанската територија. „Целите беа елиминирани со голема прецизност, без да бидат погодени воени објекти“, изјави командантката на воздухопловните сили, Виомика Синг. Според неа, употребено е софистицирано оружје со внимателен избор на цели за да се избегнат цивилни жртви, но не беа откриени детали за видот на вооружувањето. „Индија покажа воздржаност во одговорот, но индиските сили се целосно подготвени за секоја пакистанска провокација“, додаде таа.

Пакистански воени и дипломатски извори тврдат дека истиот ден собориле пет индиски борбени авиони – три француски „Рафал“ и два руски ловци. Индија демантираше.

Воена надмоќ: Индија доминира во конвенционалните сили, Пакистан се потпира на одбрана

Пакистан располага со околу 660.000 војници, што е помалку од половина од индиската армија. Според податоците на Меѓународниот институт за стратешки студии од Лондон, Пакистан минатата година потрошил десетпати помалку за одбрана во споредба со Индија. Поради ограничените капацитети, пакистанската воена доктрина се базира на одбрана, а офанзивата се разгледува само ако стратегијата за одвраќање пропадне, објаснува пензионираниот генерал и дипломат Раза Мухамад.

Индија, пак, во 2024 година потрошила 74,4 милијарди долари за одбрана, што ја прави втора воена сила во Азија, по Кина, и шеста во светот. „Вистинската надмоќ би се видела во случај на целосна војна, каде Индија би имала јасна предност“, смета пензионираниот генерал-потполковник Ракеш Шарма од институтот „Вивекананда“ во Њу Делхи. „Но во ограничени конфликти, силите би можеле да бидат изедначени.“

Нуклеарна рамнотежа и улогата на глобалните актери

Во нуклеарен поглед, двете земји се речиси изедначени, поседувајќи меѓу 160 и 170 нуклеарни боеви глави, според податоците на американската Асоцијација за контрола на вооружувањето. Пакистан соработува со кинески компании за зголемување на дострелот на своите балистички ракети, додека Индија развива интерконтинентални ракети „Агни“ со дострел до 5.000 километри.

Двете армии имаат директна линија за итна комуникација, а набавката на оружје често се користи како средство за меѓународен притисок. За време на последниот голем конфликт во Каргил во 1999 година, САД ја прекинаа испораката на резервни делови за американското оружје, вклучително и за борбените авиони Ф-16 што ги користи Пакистан. Тогашниот претседател Бил Клинтон изврши силен притисок врз пакистанскиот премиер Наваз Шариф да ги повлече силите.

Во последните четири години, Кина сочинува 81 отсто од увозот на оружје во Пакистан, покажуваат податоците на шведскиот институт СИПРИ. Исламабад сè повеќе се потпира на кинески системи, напуштајќи ги поскапите западни добавувачи. Поголемиот дел од пакистанската воздушна флота е развиен со помош на Пекинг.

Човечки ресурси

Според податоците на „Глобал фајрпауер“, Индија има 662.290.299 лица достапни за воена служба, додека Пакистан има околу 108.516.336. Активниот воен персонал на Индија изнесува околу 1.400.000 војници, додека Пакистан има околу 650.000 активни војници. Според магазинот „Милитари воч“, Индија има 4.241.500 борбен воен персонал, а Пакистан 964.000.

Back to top button
Close