Спречен атентат врз Зеленски од елитна група чеченски борци

Украинските власти соопштија дека уништиле елитна група чеченски борци кои планирале да го убијат претседателот Владимир Зеленски, пишува денеска британскиот весник „Дејли мејл“.

Секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, Алексеј Данилов, во денешното телевизиско обраќање кажа дека „е елиминирана единицата која дојде да го убие нашиот претседател“.

Чеченскиот лидер,Рамзан Кадиров, претходно кажа дека Чеченци биле убиени во руски напад во Украина.

-Веќе сме запознаени со специјалната операција што требаше да ја изврши единицата на силите на Кадиров, изјави Данилов на ТВ каналот „Украина 24“, а пренесува британскиот весник „Мирор“.

„Добивме информации од претставници на руската Федерална служба за безбедност кои не сакаат да учествуваат во оваа крвава војна. Единицата на силите на Кадиров, кои дојдоа да го убијат нашиот претседател, е елиминирана“, рече Данилов.

Тој додаде дека единицата е поделена во две групи и дека нивното движење внимателно се следи.

-Тие се поделени во две групи, ние ги следевме. Едната група беше под оган од украинските сили во близина на Хостомел, додека другата група се уште е под надзор, рече Данилов.

Според „Дејли мејл“, од почетокот на рускиот напад врз Украина на 24 февруари, постоеле стравувања дека руските сили би можеле да го убијат претседателот Зеленски, а самиот украински претседател во едно обраќање кажа дека тој е „цел број еден за атентаторите од Кремљ“.

-Јас сум цел број еден, а мојата сопруга и децата се цел број два, рече Зеленски минатата недела.

Back to top button
Close