Спречен обид за шверц на 24 мигранти од Египет и Сирија, лишени од слобода двајца шверцери

Сите пронајдени мигранти се спроведени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија, каде што со нив бил извршен службен разговор. Тие изјавиле дека групата ја предводел А.А. (26) од Сирија, а му помагал И.К. (22), исто така од Сирија

Вчеравечер службеници од полициската станица за граничен надзор „Богородица“ спречиле два обида за криумчарење мигранти во близина на селата Богородица и Стојаково, при што биле пронајдени вкупно 24 мигранти, а уапсени се две лица осомничени за организација на транспортот.

Првиот случај, како што велат од МВР, се случил околу 17:40 часот, кога во близина на локалниот пат помеѓу село Богородица и село Стојаково биле пронајдени 13 мигранти, од кои 11 од Египет и двајца од Сирија.

Подоцна, околу 18:30 часот, во близина на фабрика во село Стојаково, полицијата открила уште 11 мигранти, сите од Египет. Според првичните информации, овие лица претходно биле превезувани со патничко возило „мерцедес“.

Сите пронајдени мигранти се спроведени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија, каде што со нив бил извршен службен разговор. Тие изјавиле дека групата ја предводел А.А. (26) од Сирија, а му помагал И.К. (22), исто така од Сирија.

Врз основа на овие информации, околу 20 часот, двајцата осомничени – А.А. и И.К. – биле лишени од слобода. Тие се задржани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело криумчарење мигранти по член 418-б од Кривичниот законик.

За случајот, додаваат од МВР, е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а против осомничените ќе следи соодветна кривична пријава.

Back to top button
Close