Спречен терористички напад во Постдам – пронајден експлозивен уред во станбена зграда
Германските власти денеска евакуираа станбена зграда во градот Потсдам, откако беше пронајден експлозивен уред, јави ДПА. Акцијата била дел од истрага за можен напад врз израелската амбасада во Берлин.
Полицијата потврди дека бил пронајден сомнителен предмет, кој бил безбедно отстранет и ќе биде детониран на друга локација.
Евакуацијата била спроведена утрово, само еден ден откако германските власти уапсија 18-годишен руски државјанин со чеченско потекло на аеродромот во Берлин, додека се обидувал да ја напушти земјата. Според безбедносни извори, тој е осомничен дека сакал да се приклучи на терористичката група „Исламска држава“ и планирал напад со исламистички мотиви врз израелската амбасада.
Полицијата не потврди дали евакуираниот стан во Потсдам бил неговото живеалиште, но според претходни информации, тој навистина живеел во овој град.
Германија е под зголемена безбедносна тревога поради неодамнешните смртоносни напади, во време кога земјата се подготвува за парламентарни избори. Германско-израелската заедница вчера побара полицијата сериозно да го третира антисемитизмот насочен кон Израел како клучен фактор во исламистичката радикализација.