Спречување на ракот „пред да започне“
Нова студија на Светската здравствена организација (СЗО) укажува дека повеќе од седум милиони случаи на рак во 2022 година можеле да се спречат. Истражувањето покажува дека речиси 40 проценти од сите дијагностицирани карциноми во таа година биле последица од променливи фактори на ризик – однесувања и фактори на животната средина врз кои може да се делува.

„Сега имаме податоци кои ни овозможуваат да го спречиме ракот пред воопшто да се појави“, изјави Изабел Соержоматарам од Меѓународната агенција за истражување на рак (ИАРК).
Таа и нејзиниот колега Андре Илбави минатата недела пред новинарите ги презентираа резултатите од студијата што опфатила 36 типови карцином во 185 земји. Двајцата се коавтори на трудот објавен во списанието Nature Medicine на 3 февруари 2026 година.
Повеќе од една третина од случаите се поврзани со фактори што можат да се изменат
Според анализата, 7,1 милион нови случаи на рак во 2022 година биле поврзани со таканаречени променливи фактори на ризик (modifiable risk factors – MRF). Тие ги вклучуваат навиките и влијанијата врз кои може да се делува – како пушењето, консумирањето алкохол или изложеноста на загадување. Овие случаи претставуваат 37,8 проценти од вкупно 18,7 милиони нови дијагнози во 2022 година.
Иако врската меѓу овие фактори и ракот е одамна позната, новата студија дава подетален увид во тоа како ризиците се разликуваат меѓу регионите, но и меѓу жените и мажите. Истражувачите анализирале 30 ризик-фактори, меѓу кои:
пушење и алкохол
загадување на воздух
изложеност на токсини како азбест
висок индекс на телесна маса (BMI)
недоволна физичка активност
употреба на бездимни тутунски производи
одредени обрасци на доење
ултравиолетово (УВ) зрачење
За првпат, во ваков тип на анализа биле вклучени и инфективни агенси како вирусот на хепатит Б и хуманиот папиломавирус (HPV). Нивото на карциноми поврзани со ХПВ што можат да се спречат „останува високо“ во одредени региони, се наведува во студијата.
ХПВ – водечки причинител на карциноми кај жените кои можат да се спречат
ХПВ е глобално најзастапениот причинител на карциноми што можат да се спречат кај жените, и покрај тоа што постоечката ХПВ- програма за вакцинација е исклучително ефикасна во спречување на ракот на грлото на матката. „Сепак, двоумењето околу вакцинацијата и понатаму е голем проблем“, истакнува коавторот Андре Илбави.
„Во земјите со високи приходи – Австралија е пример – ракот на грлото на матката е речиси искоренет, со помалку од пет случаи на 100.000 жители“, додава Изабел Соержоматарам. Но во Латинска Америка и подсахарска Африка ситуацијата е значително поинаква: ХПВ- карциномите и натаму се високо застапени.
Разлики меѓу жените и мажите
Вклучувањето на инфективните агенси во анализата овозможило нов увид во тоа како карциномите се развиваат кај жените и кај мажите.
Кај жените, најголемиот број карциноми кои можеле да се спречат биле предизвикани токму од инфекции – вкупно 2,7 милиони случаи (29,7%).
Кај мажите доминирале факторите на однесување, пред сè пушењето, кое стои зад 4,3 милиони нови случаи на рак (45,4%).
Податоците за ракот на белите дробови – еден од најчестите карциноми глобално – покажуваат дека и кај жените и кај мажите најголеми влијателни фактори се пушењето, загадувањето на воздухот и професионалната изложеност. Но бројките значително се разликуваат: кај мажите биле регистрирани 1.326.453 случаи, додека кај жените 477.869.
Потребни „целни интервенции“ и стратегии за превенција
Глобалната опсерваторија за рак предвидува дека до 2045 година бројот на нови случаи ќе се зголеми за повеќе од 50 проценти. Затоа авторите на студијата предупредуваат дека е неопходно брзо воведување ефикасни превентивни политики,- бидејќи „многу случаи би можеле да се спречат преку целни интервенции“.
Иако трудот помалку се осврнува на 62,2 проценти од случаите на рак кои не се поврзани со променливи фактори на ризик, експертите сметаат дека студијата е клучна за креирање глобални политики засновани на докази.
Сузет Делалож, специјалист за рак на дојка од француската истражувачка болница „Гистав Руси“, која не била дел од истражувачкиот тим, оценува дека студијата „претставува значаен придонес кон глобалниот, врз податоци заснован пристап за превенција“.
Според неа, иако карциномите се силно обликувани од географските, социјалните, економските и културните фактори, индивидуалните активности и одлуки и понатаму остануваат клучни.
Авторите на студијата заклучуваат дека идните стратегии за превенција мора да бидат подобро насочени кон специфичните ризици кај жените и кај мажите, како и кон различните социоекономски услови во светските региони (dw)






