Спроведена постапка за порамнување против службени лица кои не поднеле Годишен извештај за имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Агенцијата за заштита на правото  на слободен пристап до информациите од јавен карактер, соопшти дека во изминатите две седмици, ја спровела првата фаза од прекршочната постапка, поведена против службените лица за посредување со информации од јавен карактер кои не поднеле Годишен извештај за имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2020 година.

Како што се наведува во соопштението, притоа, била спроведена постапка за порамнување на која биле поканети 333 службени лица од 308 институции, кои во законскиот рок не поднеле Годишен извештај за имплементација на Законот.
-Од лицата кои се одзваа на поканата за порамнување, вкупно 59 службени лица го потпишаа прекршочниот платен налог, со што постапката против нив ќе биде прекината. Против останатите службени лица, од кои најголемиот број доставија писмени појаснувања и образложенија за причините за (не)доставување на Годишниот извештај, постапката ќе продолжи пред Прекршочната комисија на Агенцијата, се посочува во соопштението.
По целосното спроведување на прекршочната постапка, од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер најавуваат дека ќе излезат со уште посеопфатни податоци и соодветна анализа.

Back to top button
Close