Срѓан Керим за Нова: Се прашувам од каде и врз база на што се пуштени информации за истрагата во „МПМ“?!

Лично не располагам со такви информации на кои се повикувате и се прашувам од каде и врз база на што се пуштени во етерот, вели за НоваТВ, Срѓан Керим, поранешен сопственик и директор на „Медиа Принт Македонија“ кој сега живее во Опатија, Хрватска, откако во медиумите излезе информација што ја објави порталот „Правосудство“, наводно дека истрагата за овој случај завршила и дека првиот човек на „МПМ“ е осомничен за три кривични дела.

Оваа информација НоваТВ прво ја провери во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и во Основното јавно обвинителство каде што доставивме и прашање на официјалниот мејл, но не добивме потврда дека истрагата за МПМ е завршена со три обвиненија како што наведува порталот „Правосудство“.

Од ОЈО нѝ рекоа дека не располагаат со таквa информација за истрагата на „МПМ“, а кога таа ќе биде завршена дополнително ќе ја информираат јавноста.

За случајот „МПМ“ во 2017 година имаше кривична пријава поднесена од Самостојниот синдикат на новинарите, но надлежноста за испитување на евентуален економски криминал подоцна ја презеде СЈО.

Подоцна, кога СЈО згасна, предметот кој го опфаќа периодот по 2009 година и стечајната постапка на МПМ го презеде Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое пак неодамна извести дека постапката продолжува, а не дека завршила и дека течат роковите во кои според законот, обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и предлагање докази.

По истекот на овие рокови предметниот обвинител ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука, информираше Обвинителството за гонење организиран криминал минатиот месец.

„Ќе кажеме сè кога ќе дојде време”, изјави Керим, кога како поранешен управител на МПМ во текот на 2018 година беше повикан на распит во СЈО, но подоцна немаше информација дека тој дал исказ во Обвинителството, откако тоа ги презеде предметите од специјалното обвинителство.

Инаку, во сопственост на „МПМ“ беа весниците „Дневник“, „Вест“ и „Утрински“ кои што згаснаа поради финансиска криза.

Back to top button
Close